Кремљ соопшти дека борците кои учествувале во бунтот нема да бидат кривично гонети и ќе им биде дозволено да се вратат во базата, според договорот постигнат во саботата со кој се стави крај на кризата
Рускиот претседател Владимир Путин денеска, пред околу 2 500 припадници на руските безбедносни сили, националната гарда и воените единици, изјави дека народот и вооружените сили застанале заедно против бунтовничките платеници во еднодневниот бунт кој заврши во саботата.
Тој им посочи на безбедносните сили дека спречиле граѓанска војна со запирање на бунтот на групата „Вагнер“.
„Го браневте уставот, животот и слободата на нашите граѓани. Ја спасивте нашата татковина, практично, спречивте граѓанска војна“,
рече Путин на настанот за персоналот на безбедносните сили во Москва во вторникот.
Путин рече дека немало цивилни жртви за време на бунтот на „Вагнер“ предводен од шефот на таа паравоена единица Евгениј Пригожин.
На митингот, кој се одржа на плоштадот во комплексот Кремљ, на Путин му се придружи министерот за одбрана Сергеј Шојгу, чија смена побараа платениците „Вагнер“ за време на нивниот бунт и „маршот на правдата“ кон Москва.
На почетокот Путин повика на едноминутен молк во чест на руските воени пилоти кои загинаа за време на бунтот.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека ги отфрлила обвиненијата против платеничката група „Вагнер“ за вооружениот бунт од викендот.
Руските медиуми објавија дека обвинението е отфрлено бидејќи „учесниците ги прекинале своите дејствија директно насочени кон извршување на кривични дела“.
Кремљ соопшти дека борците кои учествувале во бунтот нема да бидат кривично гонети и ќе им биде дозволено да се вратат во базата според договорот постигнат во саботата со кој се стави крај на кризата.
Повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана, руските медиуми, исто така, соопштија дека „Вагнер“ се подготвува да му предаде тешко оружје на Министерството.