Патот Берово-Виница е прооден периодично бидејќи се расчистува патот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), по силното невреме кое денеска го зафати Берово.
Од ЦУК соопштуваат дека во Берово поплавени се земјоделски површини и куќи, а по улиците има наноси на песок.
„Водата се повлекува, нивото на Колачински Поток и Смојмирска Река опаѓа. Поплавени се земјоделски површини, АМСМ во Берово и повеќе куќи, а по улиците има наноси од песок. Екипите на ТППЕ Берово се на терен и работат на расчистување на улиците и испумпување на вода во АМСМ и од куќите. На помош се испратени и 2 екипи на ТППЕ од соседните градови“,
соoпшти Центарот за управување со кризи.
Невреме проследено со грмежи, пороен дожд и врнежи од град денеска го зафати Берово.
Од АМСМ, пак, информираат дека и патот Берово – Делчево, кој беше во прекин, од 17:10 се одвива наизменично, по една коловозна лента, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по на места влажни коловози.
Силно невреме проследено со интензивни врнежи од дожд и град околу пладне го зафатија Охрид и околината. На моменти градот беше со големина на орев, што предизвика штети, особено на овошките и посевите.
