Претставниците на угостителскиот сектор до понеделник треба да ги достават сите нивни предлози за начинот на поддршка од државата, но и за користењето на Фондот за туризам преку кој сега се на располагање 95 милиони денари. Веќе се размислува и за мерките со кои би се вратиле повторно во нормално работење за кое постои размислување да биде за неполн месец.
Ова е исходот од денешната средба на угостителите со министрите за финансии и за економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши.
На средбата се разјаснети дилемите и нејаснотиите околу постојните мерки и им биле претставени измените на условите за користење на поддршката со новите владини уредби, а за кои имаше реакции од угостителите изминатиот период. Откако ќе достават предлози разликите, треба да се испеглаат до вторник по што ќе биде објавено кои се новите мерки со кои ќе добие поддршка угостителскиот сектор кој е меѓу трите најпогодени со здравствено-економската криза.
Како што информираше Ангеловска, на средбата ги разјасниле нејасностиите во однос на начинот како е дизајнирана мерката за бескаматните кредити преку Развојната банка и ги информирале угостителите за изменетата владина Уредбата со која е сменет условот за користење на мерката од страна на малите и микро фирмите за управителите, како и дека е променет условот за задржување на бројот на вработени до јули наместо до септември.
„Расчистена е и дилемата дека мерката може да се користи од страна на секоја компанија која има пад на приходите за 30 проценти, за сите работници кои имаат плата до 39 000 денари нето и кои користат конкретно активни ослободувања од придонеси и персонален данок“,
рече Ангеловска, повторувајќи дека мерката е дизајнирана на начин да биде многу лесна за користење.
Таа најави дека Развојната банка наскоро ќе ја пушти втората кредитна линија од осум милиони евра и оти при условите за аплицирање ќе бидат земени предвид критиките за обезбедување на потврдата за платени давачки од Управата за јавни приходи.
„Овие документи ќе ги вади Развојната банка, а износот на кредитите ќе изнесува до 90 илјади евра согласно бројот на вработени. Таа ќе биде отворена за трите погодени сектори, но и за сите други погодени сектори со слични услови на димензионирање на погоденост како што е моменталната мерка“,
рече Ангеловска.
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека ги повикале претставниците на угостителскиот сектор до понеделник да ги достават сите нивни предлози и барања за поддршка и оти им укажале дека преку Фондот за туризам се одвоени 95 милиони денари, а се во комуникација со други институции за зголемување на овие средства.
„Се договаравме до понеделник да достават конкретни предлози на начин како да се креираат мерките и како да се подготви програмата за Фондот за туризам, а во вторник имаме закажано состанок на кој ќе ги разговараме сите предлози и откако ќе бидат испеглани ќе ја информираме и јавноста и сите субјекти од овој сектор“,
рече Бектеши.
Претставникот на угостителите Ангеловски истакна дека имале конструктивен состанок со позитивен дијалог и разговарале за сите нови мерки и за нивните предлози што сакаат да ги достават.
„Во делот за новите мерки, односно уредби што ги донесе Владата, покажаа позитивен чекор за некои од работите што ние ги укажувавме и се надеваме дека ќе продолжи ваквата соработка. Ќе се потрудиме да ги пренесеме најдобро што можеме нашите мерки. На прво место во сите мерки што ги разговара угостителскиот сектор приматот го става на тоа како да ги задржиме нашите работници и како да добиеме најмногу средства за нив. Ние гледаме да направиме се што можеме како угостители за целиот овој процес да оди во позитивен правец. Има уште многу работи да се договорат, но како што кажав се надеваме дека ова ќе биде еден добар позитивен тренд“,
укажа Ангеловски.
Министерката Ангеловска рече дека се разговара и за следните мерки кога ќе дојде фазата на обнова. Ова на долг рок не може да го издржи ниедна економија.
„Мора да креираме мерки и да се приспособиме за кога ова ќе почне да се олабавува. Тоа за угостителскиот сектор значи дека коморите, епидемиолозите и засегнатите институции ќе креираат план како кога ќе отворат за неполн месец, како ќе работат. Односно дали ако ресторан кој имал 10 маси сега ќе има три, дали сите треба да носат маски и ракавици, заштитна опрема, кои ќе бидат условите во кујната. Ние разговараме за олабавување и за враќање во нормала и во тоа секако дека ќе треба мерки за приспособување и помагање на овие сектори што побрзо да закрепнат“,
рече Ангеловска.
*Поврзани вести:
Угостителите нема да ги користат мерките на Владата, работници се отпуштаат оти немаат приходи
Бектеши до угостителите: Не е време за уцени и нереални бројки за отпуштени работници (ВИДЕО)