Македонскиот претседател му се заблагодарил на претседателот на Европскиот совет за донациите од фондовите на ЕУ и од земјите членки на Унијата
Претседателот Стево Пендаровски денеска остварил телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кому му се заблагодарил за јасната и отворена поддршка за одлуката за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Пендаровски оценил дека со таквиот чин Унијата, во вонредни околности, потврдила дека местото на државите од Западниот Балкан е во заедничкото европско семејство.
Пендаровски се интересирал за динамиката за подготовка и усвојување на преговарачката рамка за нашата држава и за временската рамка за одржување на првата меѓувладина конференција. Шефот на државата изразил разбирање за одложувањето на самитот на лидерите на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, кој требаше да се одржи на 7 мај во Загреб. Притоа нагласил дека справувањето со ширењето на пандемијата е апсолутен приоритет на сите земји во овие моменти.
Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, сепак, изрази надеж дека ќе се задржи темпото на работа и одлучување преку нови технички модалитети, како на пример, видеоконференции, а во интерес и на ЕУ и на државите од Западен Балкан.
„Соговорниците разменија информации за состојбите во Унијата и кај нас, поврзани со справувањето со последиците од ширењето на ковид-19. Претседателот Пендаровски го информираше претседателот на Европскиот совет за мерките и активностите што надлежните институции ги преземаат во справувањето со последиците од пандемијата, како и очекуваните предизвици со кои земјата ќе се соочува во следниот период, справувајќи се со последиците од епидемијата“,
се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Пендаровски се заблагодарил за помошта од фондовите на ЕУ, како и за помошта на билатерално ниво, што земји-членки ја донираат во медицинска и заштитна опрема.
Било констатирано дека, покрај фактот дека ЕУ е клучниот трговски и економски партнер на нашата држава, од почетокот на пандемијата, Унијата пружа и значајна финансиска помош. Досегашната поддршка изнесува околу 69 милиони евра од кои четири милиони за итна поддршка за здравствениот систем, три милиони директна буџетска поддршка, 12 милиони за приватниот сектор и 50 милиони евра за помош на економијата, со цел социо-економско закрепнување на земјата поради последиците од епидемијата на коронавирусот.
Во телефонскиот разговор претседателот Пендаровски изразил солидарност со најголемите земји членки на Унијата, кои се и најмногу погодени од пандемијата. Изразил и очекување дека со солидарност и тесна соработка на европскиот континент, ќе биде добиена и оваа битка, како и справувањето со предизвиците кои ги носи глобалната здравствена, економска и социјална криза, предизвикана од ковид-19.