За овој случај, Агенцијата за заштита на лични податоци денес поднесе кривична пријава против непознат сторител
Агенцијата за заштита на лични податоци, како што соопштуваат оттаму, денеска поднесе кривична пријава до Обвинителството, врз основа на член 149 од Кривичниот законик. Пријавата е против непознат сторител, а се однесува на злоупотреба на лични податоци, заради неовластено објавување на списоци за македонски граѓани на кои им се посочени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење.
Согласно Законот за заштита на личните податоци, од Агенцијата потенцираат дека обработката на податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета.
АЗЛП на својата веб-страница објави укажување во врска со објавената вест на неколку електронски медиуми дека на социјалните медиуми кружат фотографии со списоци со лични податоци (име, презиме, адреса, матичен број) на лица од Куманово кои се заболени од коронавирус.
„Ваквата обработка на личните податоци, вклучително и фотографирање на списоци со лични податоци на лица кои се инфицирани со коронавирусот или, пак, се во домашна изолација или во државен карантин, како и нивно објавување и какво било друго споделување без законска основа, претставува прекршување на одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Ваквиот начин на обработка на личните податоци претставува кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ од член 149 од Кривичниот законик за што е пропишана парична или затворска казна“,
се потенцира во соопштението.
Согласно Законот за заштита на личните податоци, обработката на податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета, а може да се врши само во строго утврдени исклучоци согласно закон. Од АЗЛП нагласуваат дека исклучоците за обработка на овие податоци не се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација.