Со ова се официјализира припојувањето на Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски со Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) кое требаше да биде потврдено на денешната седница на Синодот на МПЦ-ОА
Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска ги прифати во својата канонска јурисдикција и им определи епархии и задолженија на четирите архијереји на Православната охридска архиепископија (ПОА) која на 5 јуни годинава беше припоена со МПЦ-ОА.

Со ова се официјализира припојувањето на ПОА на Јован Вранишковски со МПЦ-ОА кое требаше да биде потврдено на денешната седница на Синодот на Македонската православна црква.
На својата редовна седница во пленарен состав, Синодот на МПЦ-ОА одлучи:
- Крушевско-демирхисарската епархија ќе ја предводи митрополитот г. Јован, со титула митрополит крушевско-демирхисарски;
- На чело на Дељадровско-илинденската епархија ќе застане епископ г. Јоаким, со титула епископ дељадровско-илинденски;
- Делчевско-каменичката епархија ќе ја предводи епископ г. Марко, со титула епископ делчевско-каменички и
- Епископот г. Давид е назначен за викарен епископ на Скопската епархија, со титула епископ дремвитски.
Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски на 5 јуни годинава беше припоена со Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за време на светата архијерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Литургијата со која чиноначелствуваа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и поглаварот на СПЦ, г.г. Порфириј, се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот за автокефалност кој минатата година српскиот патријарх му го врачи на архиепископот охридски и македонски, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу црквите.