Заштитните огради на детските игралишта се оштетени, подлогите на фудбалските и кошаркарските игралишта се искинати, а голем дел од нив се испрскани со спреј, со што се нагрдува сликата на центарот на главниот град на земјава, велат од Општина Центар
Родители и граѓани од Центар секојдненвно пријавуваат нови штети на детските игралишта низ општината. Најнов случај е со детското игралиште во Дебар Маало кај Дрвен, каде што непознати лица истуриле масло. Ова игралиште беше целосно реконструирано пред неколку месеци. Пред неколку месеци беше целосно реконструирано и модернизирано и игралиште во Дебар Маало, каде што беа поставени нова вештачка трева и голови, а денеска сликата е ваква – откорната подлога и искршена ограда.

„Тажна е сликата да ги гледате детските игралишта во ваква состојба. Неколкупати досега апелирав на внимание и зачувување на детските реквизити и урбаната опрема. Некои од реконструираните игралишта не издржаа здрави ниту една недела. Тажно и срамно е ова што се прави. Детските игралишта и урбаната опрема се јавно добро за нашите најмили. Со нивно уништување, покрај тоа што се скратува правото на игра на децата, се доведуваат и во опасност“,
изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Герасимовски најави дека ќе следуваат парични казни за кршењето и уништувањето на детските реквизити и побара од граѓаните на Општината да пријавуваат доколку забележат дека некои лица го уништуваат инвентарот.
„Согласно Законот за јавна чистота, поради обезбедување на јавна чистота на јавни површини по член 114–а, забрането е уништување на урбана опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта). За уништување на урбана опрема општинската комунална инспекција изрекува прекршочни глоби во висина од 150 евра во денарска противвредност за физички лица или од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за правни лица и 300 евра за одговорното лице“,
велат од Општина Центар.

