Претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, вчера за бугарскиот портал Нова.бг изјавил дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“
За Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски случајот со физичкиот напад на претседателот на бугарското здружение „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески, од полициски аспект е расчистен бидејќи е реагирано брзо и напаѓачот е приведен.

Спасовски денеска изјави дека се земени изјави од очевидци на настанот и напомена дека изјавата од нападнатиот била земена во болница каде што му била укажана лекарската помош.
„Во врска со овој настан важно е што брзо и ефикасно се дејствуваше, при што е приведен напаѓачот на лицето. Земени се изјави и од страна на очевидците. Сакам да напоменам дека пријавата и земањето на изјавата од оштетениот се одвиваше во медицинскиот центар бидејќи полициските службеници отидоа за да се пријави целиот овој настан. Известен е јавниот обвинител и по прибирањето на сите материјални докази ќе бидат поднесени пријави, така што овој случај е расчистен“,
изјави Спасовски одговарајќи на новинарски прашања откако со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, го отворија реконструираниот објект на Единицата за службени кучиња на МВР – К9 во населбата Хиподром.
Прашан околу мотивите за нападот и дали тие биле на етничка основа, односно поради тоа што Кадриески се изјаснува како Бугарин, министерот за внатрешни работи рече дека тука има спротивставени мислења.
„Тука има спротивставени мислења кои се во делот на обезбедените материјали, така што јас оставам сите овие материјали бидат проценети од страна на колегите и на обвинителството и на основа, сепак ние постапуваме по насоки на обвинителството, тие ги даваат крајните напатствија да биде поднесен соодветен поднесок. Меѓутоа, уште еднаш ќе напоменам, важно е што брзо и ефикасно се дејствуваше и ние го имаме сторителот, тоа е клучната работа за полицијата“,
изјави Спасовски.
Претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, вчера за бугарскиот портал Нова.бг изјавил оти бил претепан од непознато лице во Струга. Тврдел оти бил соборен на земја и клоцан, а бил удиран и со раце. Рекол и дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.
Синоќа, откако бугарските медиуми известија за инцидентот, Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека добило информација за извршен напад над претседателот на здружението на Бугари во Северна Македонија – „Шемето“ до Струга. Оттаму додадоа дека вработен во Генералниот конзулат во Битола е испратен во Струга со цел расчистување на фактите околу случајот и утврдување дали нападот е резултат на кривично дело од омраза.
Денеска во врска со случајот се огласи и македонското Министерството за надворешни работи, од каде што апелираа на воздржаност од предвремени квалификации поврзани со инцидентот сè до целосно неговото целосно расчистување.
„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и бугарската заедница“,
соопшти Министерството за надворешни работи.
Од МНР упатија и повик до политичките субјекти и до јавноста во Бугарија да им овозможат на институциите во земјава да ги расчистат околностите на инцидентот и соодветно да постапат.