Се очекува највисоките партиски тела во СДСМ утре да дискутираат и да одлучат како ќе продолжат разговорите со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по ставовите и предлозите што беа изнесени на вчерашната лидерска средба
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, за утре попладне свикал итни седници на Извршниот и на Централниот одбор на партијата, брифираат партиски извори.
Состаноците на раководството на партијата доаѓаат по вчерашната лидерска средба што Ковачевски ја имаше со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а по која двајцата оставија можност за продолжување на дијалогот.
Очекувањата се дека тема на утрешното заседавање на највисоките тела на СДСМ ќе биде токму тоа – начинот и формата во која ќе се одвиваат натамошните разговори со ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера, Ковачевски оцени дека најголемата опозициска партија го променила ставот и сега не е против уставните измени.
Како што потврдија и тој и Мицкоски, на средбата тие размениле неколку предлози.
Премиерот првично излегол со предлог заеднички да се изгласаат уставните измени и потоа, веднаш по завршувањето на овој процес да се оди на избори. Меѓутоа, дал и дополнителен предлог за влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата.
„Предложив да го изгласаме отворањето на Уставот и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места (пет од вкупно десет) за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече вчера Ковачевски.
Мицкоски, пак, одговорил дека е подготвен да учествува во заедничка влада со социјалдемократите, но барал во неа да не е ДУИ, а уставните измени да важат од моментот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за членство на земјава во ЕУ.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа, со тоа што избори подготвува техничка влада, не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“,
рече вчера Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа вчера, дал и друг предлог кој во однос на уставните измени содржел услов да се добијат гаранции од Брисел. Станува збор за предлог кој се состоел од тоа наесен да се одржат избори и дотогаш да се формира влада на национално единство, исто така без ДУИ. Во меѓувреме, како што рече Мицкоски, да се лобира на состанок на Европскиот совет да се изгласа гаранција од ЕУ дека стои зад македонскиот идентитет, култура и јазик и со нив да се застане пред македонските граѓани.
Исто така, во рамките на овој предлог на Мицкоски е и да се бара финансиски пакет од ЕУ за граѓаните и бизнисите, а со цел нивна подготовка за процесот на преговори.
Во сета оваа размена на предлози меѓу партиите вчера се вклучи и ДУИ, која порача дека е подготвена да излезе од Владата, но прво да се изгласаат и да стапат на сила уставните измени.