Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара итно дополнување на одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата со тоа што таа не би важела за жени жртви и нивните деца, кои го напуштаат домот поради закана и директен ризик од насилство.
„Жртвите, кои се во висок ризик од насилство, да можат тоа да го пријават до надлежна институција или да побараат помош во здравствена установа, како и нивните деца, постари членови на семејството кои треба да излезат со нив за да се заштитат од насилството, а притоа прекршувањето на полицискиот час да не им биде санкционирано и доколку ги пресретне полициски службеник, тој да им ја пружи соодветната заштита и да ги упати до надлежна институција“,
посочуваат од оваа невладина организација.
Тие, исто така, бараат во текот на временското ограничување на движењето на граѓаните во случај на насилство во домот, по пријава сторителите на семејно насилство да бидат отстранети од него и да се преземат соодветни санкции против него, како приведување, покренување привремени мерки за заштита и др., со цел да се заштити жртвата од идно насилство во својот дом.
Како поткрепа на ваквото барање, од Националната мрежа наведуваат многубројни ризиците за зголемување на насилството во овие вонредни околности:
„Со мерките и ограничувањата што се во сила децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувачници, како и сите останати можности за социјални активности (кино, театар, спорт), пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде што може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите. Голем број граѓани се под притисок дека ќе го загубат работното место по завршување на вонредната состојба и прекинување на важењето на владините мерки и потенцијалниот ризик од зголемување на сиромаштијата. Сите овие фактори влијаат на интензивно зголемување на стресот кај граѓаните, фрустрации, страв и силна загриженост за иднината, кои се тригери за агресивно однесување, изливи на нервоза, зголемена потреба за контрола и изразување моќ, насилно решавање на конфликтите и зголемена примена на насилство“,
појаснуваат од оваа граѓанска организација.
Голем број меѓународни организации кои се борат против семејното насилство укажаа дека изолацијата поради пандемијата го зголемува процентот на вакви случаи. Такви примери доаѓаат од Франција, Хрватска, од Кина и САД, а на ова предупредија и ОН, преку видеопораката што ја испрати генералниот секретар Антонио Гутереш.