Со оглед дека нема договор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека денешната лидерска средба јасно ги покажала позициите оти во овој момент нема двотретинско мнозинство и дека час поскоро треба да има релаксирање на општеството, а единствен начин за тоа се предвремени избори
Без договор за уставни измени заврши лидерската средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На маса се разгледувале неколку предлози од двете страни, но соговорниците не успеале да пронајдат прифатливо решение за двајцата.
Според изјавата на Мицкоски, Ковачевски предложил во парламентот со двотретинско мнозинство да се усвои потребата за промена на Уставот, потоа да се формира влада во која СДСМ ќе отстапи пет од своите десет министерски места на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму, да се заврши процесот на уставни измени, да почнат преговорите и да бидат затворени едно, две или три поглавја од нив и потоа да се оди на избори.
„На оваа понуда, која претставува позиција на Димитар Ковачевски, од моја страна беше даден следниот одговор – во ред, ја разбирам понудата и за не го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“,
рече Мицкоски.
Ковачевски ова го протолкувал како кршење на преговарачката рамка, по што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ излегол со свој предлог. Тој се состоел во тоа да се оди на предвремени парламентарни избори – за што Мицкоски дал предлог три датуми наесен, а до тогаш да се формира влада на широко национално единство во која нема да биде ДУИ.
„Бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против со македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери од ЕУ на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда, гаранција за сето ова што ние го зборуваме, па да видиме дали е навистина така како што ни велат, имајќи предвид дека сега и Бугарија има легитимна влада избрана од Националниот парламент таму“,
рече Мицкоски кој тврди дека има неколку премиери од ЕУ кои овие гаранции би ги ставиле на дневен ред.
Со тој документ – гаранција, додаде тој, да дојдеме пред македонските граѓани.
„Да кажеме еве овој пат Европа застанува зад многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик и дека овој пат конечно Европа има чиста и јасна цел пред себе Македонија да биде дел од европското семејство. Потоа да побараме од страна на претседателот на ЕК определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот да го подготвиме во процесот на преговори затоа што тој мора да биде конкурентен на европскиот пазар, да може да ги задржи луѓето тука, бидејќи знаете дека миграцијата, иселувањето се големи“,
рече Мицкоски.
Со оглед дека нема договор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека денешната лидерска средба јасно ги покажала позициите оти во овој момент нема двотретинско мнозинство и дека час поскоро треба да има релаксирање на општеството, а единствен начин за тоа се предвремени избори.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека му кажал на премиерот да не брза со заклучоци за предлозите што ги дал и оти стои на располагање за дополнителни консултации.