Обвинителен предлог во случајот е поднесен и против уште едно 34-годишно лице, против кое во истрагата биле обезбедени докази дека со умисла му помагало на првообвинетиот. Тој, наместо да ја заштити жртвата, му давал совети и го бодрел првообвинетиот, меѓу другото, велејќи: „ако треба, заедно ќе ја издржиме казната“
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 46-годишен скопјанец кој пред десетина дена ја претепал својата вонбрачна партнерка нанесувајќи и тешки телесни повреди.

Тој, како што соопшти денеска Обвинителството, се товари за кривичното дело тешка телесна повреда.
Обвинителен предлог во случајот е поднесен и против уште едно 34-годишно лице, против коге во истрагата биле обезбедени докази дека со умисла му помагал на првообвинетиот.
Настанот за кој е поднесено обвинение се случил на 29 мај во домот на првообвинетиот на улицата „Партение Зографски“, кој, според Обвинителството, без повод и причина физички ја нападнал жената удирајќи ја со шлаканици по лицето и главата и со клоци по рацете и нозете, бедрата и градниот кош.
Во тоа време во неговиот дом бил присутен второобвинетиот кој не презеле ништо за да ја заштити жртвата туку, напротив, му давал совети на 46-годишниот додека ја тепал партнерката.
„Во домот била присутна и мајката на првообвинетиот, која се обидела да ја одбрани жената од физичкиот напад, но вториот обвинет ја запрел обраќајќи ѝ се со зборовите: ‘Остани настрана, сами нека го решат проблемот, тоа е нивна лична работа’. Дополнително, второобвинетиот во моментите на физичкиот напад го бодрел сторителот со зборовите: ‘Ако треба, заедно со мене ќе ја издржиме казната’”,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Од многубројните удари оштетената во случајот се здобила со тешки телесни повреди – набиеници, подливи и повеќе скршеници на носот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог за продолжување на притворот на првообвинетиот, кој претходно му е одреден. Предлог за притвор бил поднесен и против второобвинетиот, кој не бил прифатен од судот поради што од јавното обвинителство најавуваат жалба.