Триесетгодишен жител на Кавадарци вчеравечер бил пренесен во болница со скршеници на нога, со кои се здобил бегајќи од полициска патрола за време на полицискиот час.
„Интервениравме на повик синоќа околу 18 часот. Младиот човек имаше комплетно две скршеници на двете коски на потколеница. Имобилизиравме и го пренесовме во болница. Стануваше збор за повреда за која е потребен оперативен третман“,
изјавил за МИА Ратко Грков, доктор во Брза помош.
Според она што подоцна го раскажал повредениот, додека се движел со автомобил, добил знак од полициска патрола да застане, но не го почитувал и продолжил кон селото Марена. Во селото излегол од возилото и се обидел да прескокне ограда за да влезе во дворот на другар каде што се повредил.
Со повреденото момче било уште едно лице кое имало зголемена температура и болки во градите и мускулите, па било упатено кај матичен лекар за да му се направи епидемиолошка анкета за понатамошно постапување, според препораките на Министерството за здравство.
Со Брза помош било однесено дома со препорака да се самоизолира.