Сите служби се ставени во функција, како ќе се зголемува интензитетот така го зголемуваме и работното време. Секако дека ќе се работи и за време на викенди доколку тоа е потребно за да се излезе во пресрет на граѓаните
Половина од населението ги има променето личните документи со старото уставно име со нови, согласно Преспанскиот договор.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека интензивно се работи на овој процес и најавува дека како што ќе се зголемува интензитетот така ќе го зголемуваат и работното време.
„Стартувањето со новите документи опфаќа период практично од три години од моментот кога ние сме го започнале целиот овој процес. Така што, скоро 50 проценти од резидентното население ги имаме променето личните документи – лични карти и пасоши, некаде околу 770 илјади веќе се променети. Меѓутоа, секако дека интензивно се работи на овој процес. Сите служби се ставени во функција, како ќе се зголемува интензитетот така го зголемуваме и работното време. Секако дека ќе се работи и за време на викенди доколку тоа е потребно за да се излезе во пресрет на граѓаните“,
вели Спасовски.
Спасовски посочува дека граѓаните треба да се пријавуваат, но и да се појавуваат на термините кои ги добиваат за да можат да си извршат промена.
„Тоа е важно бидејќи мораме да го напуштиме тој концепт што сите го имаме да можеме денеска да се јавиме и утре да ја завршиме целата работа“,
рече Спасовски.
Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор, кој стапи во сила во февруари 2019 година. Според член 1 точка 10, личните документи треба да се променат во рок од пет години по стапувањето на сила на договорот – односно до февруари 2024 година.
Владата во март годинава донесе одлука со која поскапеа услугите за вадење на лични документи. Така, замена на лична карта чини 310 денари, наместо 190 денари колку што изнесуваше услугата претходно. Лицата над 27 години за замена на пасош сега плаќаат 2 000 денари во редовна процедура, наместо претходните 1 500 денари, а за нова возачка дозвола се потребни 410 денари, наспроти 280 денари колку што чинеше претходно.