Со денешните два смртни случаи од ковид-19 на 27 годишна родилка и 73 годишно лице од Куманово, овој град сега има најголем број на починати граѓани од коронавирусот. Вкупно, црната статистика сега брои 8 жртви кои потекнуваат од Куманово.

Втор град, според бројот на жртви е Струга со 6, по што следат Скопје, Тетово и Дебар со по 4. На листата се уште и Велес, Штип и Кочани од каде потекнува по еден починат. Еден смртен случај има и во Кавадарци, кој влегува во домашната статистика, иако станува збор за државјанин на Албанија кој бил ангажиран како градежен работник во градот.
Од табелата е очигледно дека бројот на починати не кореспондира со бројот на население, односно дека во одредени градови ковид-19 е поголем проблем отколку во други. Затоа, го споредивме бројот на починати со бројот на заразени во тие градови, но повторно се појавија огромни разлики.
На територијата на цела држава, процентот на смртност е 4,86%, што грубо значи дека од секои 100 заболени, 5 ќе починат. Но, по градови, има големи отстапувања.

Иако процентот на починати е највисок во Кавадарци, 33,3%, бројката не е релевантен показател. Причината е што во градот има само 3 потврдени случаи на ковид-19, па едниот смртен случај лесно ја „искривува“ сликата. Струга е втора на листата, каде смртноста од ковид-19 е високи 21,43%. Таму процентот на починати од вкупно заболените е загрижувачки висок, имајќи предвид дека градот веќе има значителен број на потврдени случаи – 28. Од градовите со над 20 регистрирани случаи на ковид-19, смртноста од коронавирусот кај тетовчани е 13,79%, кај дебрани 8,16%, кај кумановци 6,15%, кај штипјани 5% и само 1,53% кај скопјани, каде има и најголем број на регистрирани заболени.
Прилеп е единствениот град со значителен број на заболени – 38, од каде засега нема ниту едно починато лице.
*поврзана вест Стапката на смртност од коронавирус во Македонија е 4,86%, во Италија 12,7%, а во Германија 1,91%