За да се избегнат турканици и групирање луѓе, Народната банка апелира граѓаните да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките само кога е неопходно и притоа да внимаваат на времето и ограничувањата за движење, па во двата часа претпладне, кога им е дозволено да излегуваат постарите лица, да им се даде предност за да завршат со обврските.
„Од утре, во терминот од 10 до 12 часот, кога е дозволено движење на лицата над 67 години, граѓаните кои се во други возрасни групи да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите. Во овој термин да се даде приоритет на повозрасните граѓани кои имаат неопходна потреба од банкарски услуги, тоа да го сторат навремено и без да се загрози нивното здравје. Граѓаните кои се во други возрасни групи, доколку имаат неодложна потреба од посета на банките, тоа да го сторат пред 10 или по 12 часот“,
се потенцира во соопштението од Кабинетот на гувернерот на НБ.
Оттаму посочуваат дека во соработка со банките бараат решенија за да се надминат проблемите од деновиве, кога редици граѓани чекаа исплатата на пензии и социјална помош. Во комуникација велат се и со претставници на локалната самоуправа и на општинските кризни штабови.
„Како централна банка, максимално се заложуваме за системско решение кое ќе биде спроведено за организирање на работата на банките при следните исплати на пензии и на социјална помош, процесот да се одвива поефикасно и без проблеми како во текот на изминатите неколку дена“,
се наведува во соопштението.
Во соопштението од Народната банка се вели дека граѓаните кои се корисници на пензија и на социјална помош, пред следните исплати, навремено ќе бидат известени на организацијата на работата на банките.
Дополнително, апелираат граѓаните при една посета да завршат повеќе услуги за кои е потребно физичко присуство и да настојуваат да ги користат услугите за електронско и мобилно банкарство.
Поврзани вести: