Вишиот обвинител Сашо Рајчев, пак, побара Апелација да ги отфрли жалбите на Стаменковски и неговите адвокати, а да ја уважи жалбата на ОЈО Скопје и на обвинетиот да му се изрече построга казна. Според него, ако се земат предвид видот, природата и тежината на кривичните дела и изречената казна од три години и еден месец затвор и паричната санкција од 5 000 евра, тогаш нема задоволување на правдата

Сопственикот на парапорталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, денеска на јавна седница во Апелацискиот суд Скопје се бранеше дека не рекетирал и уценувал со неговите текстови и заедно со неговите адвокати побара да се укине првостепената пресуда со која доби три години и еден месец затвор, а предметот да се врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд.
Пред тричлениот совет во Апелација тој, исто како и неговите адвокати, реагираше зошто судењето се одвивало со исклучена јавност бидејќи смета дека така се направила суштествена повреда на постапката.
„Овој предмет се водеше јавно, за пред јавноста, а ме судеа без јавност“,
рече Стаменковски жалејќи се дека во јавноста се создал впечаток дека станува збор за човек рекетар, новинар, платеник итн.
Според него, тој со неговиот портал не направил кривични дела за што потенцираше и дека не добил ниту една кривична пријава во 11-годишното постоење.
„Барам само еден доказ дека сум имал лукративен интерес. Ако има, не три, десет години да добијам“,
рече Стаменковски кој праша и дали згаснувањето на неговиот портал со пресудата од Кривичен не е рушење на демократијата.
Во настапот пред Апелација, тој излезе и со нови тврдења дека има соработка со обвинители откако пред два дена рече дека добивал информации од обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје, кој постапува во овој предмет поради што бараше и негово изземање. Овој пат рече дека соработувал со цела група обвинители.
„Јас не го мразам човекот… Тој заедно со една група обвинители ми доставуваа информации“,
рече Стаменковски.
Неговите двајца адвокати, Коста Нојков и Марија Најдова-Петрезанова, во своите жалби за првостепената пресуда рекоа дека таа треба да се укине и во најмала рака предметот да се врати на ново судење бидејќи имало суштествени повреди на постапката. Реагираа дека целта на овој предмет е да му се загрозела слободата на говор на Стаменковски, дека Кривичен не ги ценел нивните докази и во пресудата само го препишал обвинението, а се пожалија и дека немало фер судење бидејќи уште од самиот почеток во случајот е инволвирано ОЈО Скопје чии истражители се јавуваат во предметот како оштетени итн.
Вишиот јавен обвинител, Сашо Рајчев, пак, побара Апелација да ги отфрли нивните жалби како неосновани и ја поддржа жалбата на ОЈО Скопје во која се бара на Стаменковски да му се изрече повисока затворска казна.
„Видот, природата, карактерот и тежината на кривичните дела за кои обвинетиот е огласен виновен и предизвиканите штети упатува на тоа дека изречената единствена казна затвор во траење од три години и еден месец и изречената парична казна од 5 000 евра не претставуваат задоволување на правдата“,
рече Рајчев.
За слободата на говор која ја истакнува одбрана, обвинителот посочи дека тоа е уставно загарантирано право, но оти кога преку овие права ќе има штета на други граѓани и субјекти тогаш веќе има инкриминираност.
Пресудата, за која денеска Стаменковски и адвокатите бараа укинување, а обвинителството побара таа да биде построга, беше донесена на 4 април годинава. Тој беше прогласен за виновен за пет кривични дела – две за ширење расистички и ксенофобичен материјал и по едно дело: уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци. Како негови жртви во случајот се јавија свештени лица, новинари, истражители, една национална телевизија …
Покрај овој, во ОЈО Скопје се води и втор предмет за Стаменковски кој се очекува да ги открие евентуалните нарачатели и соработници за текстовите што тој ги објавуваше на неговиот парапортал. Очекувањата се и да се дознае потеклото на парите кои беа пронајдени при претрес во неговиот дом, кој како што денеска беше посочено на јавната седница, се во висина од околу 74 000 евра.