Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил објави дека на маргините на 4. Самит на Советот на Европа во Рејкјавик имал куси средби со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон и со белгискиот премиер Александар де Кру на кои го споделиле оптимизмот за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес

Нашите меѓународни партнери и поддржувачи го препознаваат напредокот на нашата држава. Во Северна Македонија гледаат сериозен партнер кој се залага за демократија, слобода, мир и негување добрососедски односи. Европска перспектива на нашата земја е неповратен процес во кој имаме поддршка од нашите европски пријатели, пишува премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил.
Ковачевски, кој учествува на 4. Самит на Советот на Европа во Рејкјавик, вели дека на маргините на состанокот имал куси средби со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон и со белгискиот премиер Александар де Кру.
Срдечна средба со Шарл Мишел, пишува Ковачевски и наведува „голем пријател и поддржувач во нашата стратегиска определба за полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија“.
За средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, Ковачевски вели дека со него го споделиле оптимизмот за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес.
„Во наш интерес е влијателни лидери како што е францускиот претседател да ни бидат поддршка на нашиот пат кон ЕУ“,
вели Ковачевски.
Средбата со белгискиот премиер Александар де Кру, како што пишува Ковачевски, била пред отворањето на Самитот.
„Драго ми е што Белгија дава огромна поддршка за нашиот европски пат и секако за нашата заложба за реформи. Нашата добрососедска политика со земјите од регионот е добар пример и поздравена и од Белгија“,
пишува во објавата на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски вчера во Рејкјавик беше пречекан од премиерката на Исланд, Катрин Јакобсдотир, и генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
„Пред нас, претседателите и премиери на држави членки на Советот на Европа, се два дена од кои очекувам да испратиме важни и клучни пораки за мир и почитување на човековите права, но и да дејствуваме со солидарност во овие тешки времиња кога во Европа не е нападната само една држава, туку се нападнати демократските принципи и вредности на меѓународниот поредок. Северна Македонија е одговорен партнер и наша обврска е активно да придонесуваме кон колективната одговорност за мирот, демократијата и човековите права. Овие принципи во име на мојата држава и на мојот народ ќе ги застапувам овде на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик“,
вели премиерот Ковачевски.