Електронското државјанство чини 150 денари и може да се плати онлајн. Министерот Алиу истакна дека ова се прави врз основа на програмата и Националната стратегија за дигитална трансформација, а целта е до крајот на 2023 година да се дигитализираат над 150 услуги преку националниот портал за електронски услуги

Од денеска граѓаните може да извадат Уверение за државјанство во електронска форма и да го добијат на својата електронска пошта и мобилен телефон.
Ваквата можност денеска беше промовирана од страна на министрите за внатрешни работи за информатичко општество и администрација, Оливер Спасовски и Азир Алиу.
Објаснувајќи ја постапката за поднесување барање за уверение за државјанство во електронска форма, Спасовски истакна дека барањето се поднесува во лично име и за свое малолетно дете, а услугата е достапна на веб сајтот www.uslugi,gov.mk.
„Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги“,
рече Спасовски.
Електронското државјанство чини 150 денари (100 денари административна такса и 50 денари за образец) и сумата може да се плати електронски во моментот на поднесување на барање за Уверението за државјанство во електронска форма.
Министерот денеска додаде и дека досегашниот начин на издавање на уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава на како и досега – лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на МВР, независно каде лицето има пријавено живеалиште.
Министерот Алиу, пак, истакна дека ова се прави врз основа на програмата и Националната стратегија за дигитална трансформација, а целта е до крајот на 2023 година да се дигитализираат над 150 услуги преку националниот портал за електронски услуги.
„Цениме дека преку дигитализација ќе ги подобриме услугите кон граѓаните, во реално време, со намалено влијание од страна на администрацијата, за која за жал до сега имаше одолговлекување во однос на добивање сервиси. Целта е до крајот на 2023 да се дигитализираат над 150 услуги преку Националниот портал. Преку Агенцијата за дигитализација овие услуги може потполно да се дигитализираат, при што факторот човек ќе биде занемарен“,
рече Алиу.