ОЈО Кавадарци сè уште врши увид во зграда во која се пронајдени тела на две починати лица
Убиство и самоубиство се случи утрово во зграда во Демир Капија. Неофицијално, како што пренесува МИА, повозрасен маж пукал во соседот (34), кој живеел во станот над него, а потоа се самоубил. Наводно, причината била претходно расправија.
Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, потврди за МИА дека се случил немилиот настан, но не знаеше да каже детали за случајот. Изрази жалење и очекува истрагата да покаже што точно се случило.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци сè уште врши увид во зграда во која се пронајдени тела на две починати лица.
„Се преземаат дејствија за испитување на настанот“,
информираа од Обвинителството.
Во текот на денот се очекува и официјални информации и од МВР.
ОБВНОВЕНО
Според информациите од МВР, пукањето било пријавено утрово десетина минути пред седум часот. Во првичната информација од МВР нема податок како дошло до пукањето и само се наведува дека двајца мажи на возраст од 34 и 72 години биле пронајдени со прострелни рани во нивните домови.
„Денеска во 06.50 часот во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во нивните домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итна медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид“,
соопштија од МВР.