Паралелно, вели министерот, продолжуваат и консултациите за изработка на сеопфатен протокол и прирачници за училиштата

Неделава ќе имаме конкретни препораки за справување со врсничко насилство и зачувување на мирот во училиштата, најави денеска министерот за образование Јетон Шаќири.
Тој посочи дека Министерството за образование и наука (МОН) подготвило конкретни препораки за училиштата, за кои ќе се дискутира на владина седница утре. Паралелно, вели тој, продолжуваат и консултациите за изработка на сеопфатен протокол и прирачници за училиштата.
„Добро е што голем број страни се вклучија со свои сугестии и размислувања, меѓу кои и Меѓународниот универзитет во Струга и мислам дека тоа што ќе биде усвоено како финално, ќе дава добар ефект, доколку во целост се почитува од сите на кои се однесува“,
рече Шаќири.
Најавите тој ги даде во обраќање на конференција организирана од Меѓународниот универзитет во Струга на која тема беше како да се унапредат механизмите за безбедност во училиштата и превенирање на меѓуврсничкото насилство.
Темата за меѓуврсничкото насилство се наметна во земјава како приоритетна по масовното убиство во основно училиште во Белград, Србија извршено од 13-годишен ученик. Бројот на жртви од овој масакр денеска се искачи на десет откако, како што објавија српските медиуми, починала најтешко ранетата ученичка во масакрот. Останатите девет жртви загинаа на самото место – осум беа ученици, а еден беше чуварот во училиштето.
Настанот во соседството го вклучи алармот и во земјава, па на владина седница на 5 мај, МОН и МВР добија задолжение да изготват Стратегија за превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата.
Министерот Шаќири најави и дека ќе предложи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои според него, во голема мера се поттикнуваат од социјалните мрежи, како што е ТикТок.