Според Ангелов, земјиштето поради долгите врнежи веќе појавува презаситеност и намалена е можноста за впивање и токму од тие причини, како што рече, треба со зголемено внимание да ги следиме состојбите со дождовите

На државата не ѝ се заканува опасност од големи поплави, порача денеска директор на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по денешната средба која ја имале со претставници на останатите институции.
„Хидролошката состојба во овој момент е стабилна, како и сите водотеци. На некои места има излевање на реката Вардар, но тоа се места каде што постојано при врнежи доаѓа до тоа. Состојбата будно се следи од страна на соодветните институции“,
рече Ангелов по средбата со претставници на УХМР, Водостопанство, Противпожарната бригада на град Скопје, МВР, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерство за земјоделство и за животна средина.
Според Ангелов, земјиштето поради долгите врнежи веќе појавува презаситеност и намалена е можноста за впивање и токму од тие причини, како што рече, треба со зголемено внимание да ги следиме состојбите со дождовите.
„Од страна на УХМР прогнозираат дека во следниот период врнежите ќе бидат позастапени во западните делови од државата, но бидејќи се работи за релативно мала територија прогнозата не може да биде многу прецизна и постои можност овие засилени врнежи да ги има на целата територија на државата“,
рече тој.
Другиот момент, кој според Ангелов претставува опасност за зголемување на водотеците на реките, вештачките акумулации и езерата е и топењето на снеговите кои во овој период од годината ги има на повисоките места.
„Доколку врнежите и топењето на снегот придонесат коритото на Вардар на мерното место кај Јегуновце да дојде на 200 сантиметри тогаш ние ќе упатиме барање до Електрани на Северна Македонија да го намалат или стопираат производството на електрична енергија на ХЕЦ ‘Вруток’ со што дотокот на вода во Вардар ќе биде намален или по потреба и целосно прекинат со што ќе можеме делумно да го контролираме водостојот на реката“,
додаде Ангелов.
Тој рече дека од страна на Водостопанство на Северна Македонија биле информирани дека сите примарни канали се исчистени и можат да ја примат водата која би надошла од врнежите.
„Исто така исчистени се и сите одводни канали кои служат за исцедување на земјиштето кое е веќе презаситено. Во добра кондиција се и секундарните канали за кои исто така се грижи Водостопанство, но и самите општини“,
рече Ангелов.
Според него проблем настанува со терцијалните канали кои поминуваат пред дворовите, покрај улиците од кои добар дел се запоставени и затоа упати апел до општинските власти, согласно нивните можности, да се погрижат за нивно чистење, но и граѓаните да не фрлаат отпадоци.
„Ја повикуваме локалната власт да биде внимателна со канализациите или одводните канали во урбаните средини затоа што сме сведоци дека при секој поголем пороен дожд канализацијата не може да ја прими целата вода и доаѓа на некои места до истекување на вода од канализационите шахти. Во Скопје имаме и неколку критични точки, подвозници и еден трговски центар, каде пред извесно време имавме поплава, а која не е опасност за граѓаните, но која прави голема материјална штета“,
додаде тој.