Откако кај 18 здравствени работници е дијагностициран ковид-19, направена е реорганизација на работата на здравствената установа
Министерот за здравство Венко Филипче, како што соопштија од неговиот кабинет, денеска ја посетил болницата во Куманово за да направи увид во работењето и капацитетите. На состанокот со менаџментот било потврдено дека болницата работи непречено и дека организацијата на работата е добра.
„Откако кај 18 вработени е дијагностициран ковид-19, направена е реорганизација на работата и сега болницата функционира непречено. Од пред неколку дена во поддршка на вработените на инфективното одделение дојдоа двајца лекари од Штип и од Скопје, со што капацитетите се задоволени“,
се наведува во соопштението од посетата на Филипче на болницата во Куманово.
Во кумановската болница, како што се наведува, има вкупно 700 вработени, и покрај 18 кои се заболени од ковид-19 нема друг персонал кој е во самоизолација. Директорката на болницата го информирала министерот дека располага со сосема доволно заштитна опрема и дека таа се надополнува постојано. Министерството за здравство, како што е посочено, продолжува интензивно да ја следи состојбата во Куманово и доколку има потреба од дополнителна поддршка, во однос на ресурси, итно ќе реагира.