Разрешувањето на Дамева не е формализирано преку објава во „Службен весник“, а од Судскиот совет засега нема одговор дали одлуката е изготвена, кога ќе ја објават и дали без нејзино формално печатење во „Службен весник“ може да пристапат кон избор на нов претседател

Нема официјално објаснување зошто повторно се одложи седницата на Судскиот совет закажана за денеска на чиј дневен ред беше избор на нов претседател. Не се знае ниту кога ќе се закаже нова.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека 439. итна седница, која беше одложена за ден 2.5.2023 година (вторник) во 11 часот, се одлага. За денот и часот на одржување на седницата дополнително ќе биде објавено соопштение“,
пишува во краткото известување што осамна на веб-страницата на Судскиот совет потпишано од заменик-претседателот Селим Адеми.
Адеми денеска не одговори ниту на телефонските повици ниту на СМС-пораката во која го прашавме кои се причините за одложувањето на седницата.
Првиот обид за избор на нов претседател беше минатиот четврток на 27 април, но тогаш тој како заменик ја одложи седницата со објаснување дека кога се избира претседател пожелно е да се присутни сите 13 члена со право на глас, а тогаш беше отсутна Мирјана Радевска-Стефкова.
Неофицијално, се зборуваше дека заднината на одложувањето е немањето мнозинство од осум гласа потребно за избор на нов претседател.
На предлог на Адеми, ден претходно (26 април), од претседателската функција беше разрешена Весна Дамева. Со Адеми, „за“ гласаа уште шестмина други членови на Судскиот совет: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
Веднаш по гласањето, тој како заменик закажа итна седница за избор на нов претседател. Следниот ден, иако реагираше дека разрешувањето е незаконско, кога дојде на седницата, Дамева не седна на чело на масата каде што вообичаено седат претседателот и заменикот.
Столчето остана празно, но дали и претседателската функција формално е испразнета?

Одлука за разрешување на Дамева не е објавена во „Службен весник“ од каде што денеска за Алсат М ТВ рекоа оти Судскиот совет официјално не го доставил за објавување разрешувањето.
Од Советот, пак, засега молк.
Дали е изготвена одлуката за разрешување на Весна Дамева од претседателка на Судскиот совет?; Дали и кога Судскиот совет ќе ја објави одлуката во „Службен весник“?; Дали без објавување на одлука за разрешување на досегашната претседателка во „Службен весник“, сметате дека може да се пристапи кон избор на нов претседател?, се прашањата што „360 степени“ ги упати до Советот денеска, но до објавување на текстот не добивме одговори.
Денеска недостапна за одговор на прашањето дали примила одлука за разрешувањето и дали евентуално ќе ја обжали пред Управниот суд, беше и Дамева.
Кога ја разрешија, таа реагираше дека не може да го направат тоа со седум гласа, ако за избор на претседател се потребни најмалку осум.
Како што веќе пишувавме, за разрешување претседател нема предвидено процедура ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа. Во таа насока беа и јавните реакции кои пристигнаа од стручната јавноста – со оглед на тоа што нема предвидена процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева треба да биде разрешена како член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка.
Адеми на седницата на 27 април одбегна да им одговори на новинарите дали разрешувањето е законско и неколку пати повтори дека има институции што треба да го утврдат тоа.
Подоцна, во интервју за „Порталб“ тој излезе со „креативно“ толкување велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.
Разрешувањето на Дамева дојде по неколкучасовна напната атмосфера во Судскиот совет кога членовите се расправаа околу писмото на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, и меѓучовечките односи.
Сепак, тоа ги засили шпекулациите дека ова е кулминација на тензијата која владее одреден период, а чашата ја прелила иницијатива за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од скопскиот Апелациски суд за кого токму Судскиот совет утврди дека необјасниво девет месеци ја чувал првостепената пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, која тој и неговите колеги во советот одлучија да ја укинат и да го вратат случајот на повторно судење.
По контроверзното разрешување, Дамева не спомена конкретни предмети и постапки за судии, но алудираше на политички влијанија. Јас навистина не знам ова како ќе заврши, рече таа и додаде: „одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако успеат во ова“.
*Реакции во врска со случувањата во Судскиот совет:
- Пратениците веднаш да иницираат интерпелација за претседателката и заменик-претседателот на Судскиот совет, сугерира Денис Прешова
- Пендаровски: Сцените во Судскиот совет не му доликуваат на тело со толку одговорна улога
- Ковачевски ги повика членовите на Судскиот совет да пријават ако некој им се мешал во работата
- Мицкоски за случувањата во Судскиот совет: Вандализам и вагабонство на отворена сцена
- Грковска очекува надлежните да покренат постапки за случувањата во Судскиот совет
- Министерството за правда бара увид во Записникот од вчерашната седница на која беше разрешена Дамева
- ДКСК изрази сериозна загриженост за случувањата во Судскиот совет – очекува реакција од релевантните државни субјекти
- Претседателката на Врховен: Да се реши состојбата во Судскиот совет
- По случувањата во Судскиот совет, Амбасадата на САД очекува независно и одговорно судство без разлика кој е во раководството
- Гир: Последните случувања во правосудството не се во насока на она што ЕУ го очекува од С Македонија