Заклучоците се содржани во извештајот на Државниот санитарен инспекторат врз основа на инспекцискиот надзор извршен на Клиниката на 5 април
При надзорот во Клиниката за Инфективни болести во Скопје од страна на Државниот санитарен инспекторат, извршен на 5 април, констатирано е дека строго се почитуваат препораките за употреба на лична заштитна опрема од страна на здравствените работници, како и соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект, се вели во владиното соопштение.
Во извештајот се посочува дека во Клиниката се хоспитализирани само пациенти со инфекција од ковид-19 и во моментот на надзорот има вкупно 77 пациенти, од кои на респиратор се 11, а има уште слободни респиратори и болнички легла.
При инспекцискиот надзор е констатирано дека пред влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и лична заштитна опрема (ЛЗО – медицински маски, заштитни маски N95, капи, калоши, заштитни очила, визири, ракавици, три вида мантили, скафандери, ПВЦ-престилки – сите за еднократна употреба), која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија и сл.)
Согласно протоколите за употреба на ЛЗО, во зависност од медицинската интервенција и степенот на ризик, испечатени се протоколи и протоколи во вид на постер се поставени видливо над пултот со ЛЗО.
За време на вонредниот инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е утврдено дека пред влезот во филтер-зоната кон болничкиот оддел постојано има лице кое проверува како е облечен здравствениот работник пред влез за работа со пациент.
Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер-зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце согласно протокол.
Исто така, е утврдено дека Клиниката располага со адекватна количина на личната заштитна опрема, која се дистрибуира од централен магацин кон одделите на дневно ниво и по изјавите на вработените лица констатирано е дека секогаш имаат ЛЗО соодветно на потребите.
Воедно, покрај пултот со ЛЗО и во филтер-зоната пред излез од болничкиот оддел се наоѓа наменска амбалажа за медицински отпад, а се почитуваат и протоколите за невкрстување на чисто и нечисто на ниво на целиот клинички објект.
При извршениот вонреден инспекциски надзор, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не се констатирани никакви недостатоци, се вели во соопштението.
Целта на инспекцискиот надзор, спроведен на 5 април, е да се утврди почитување и примена на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници при укажување здравствени услуги согласно нивоата на здравствена заштита и ризикот од ковид-19, а со цел спречување на ширење на инфекцијата.