Станува збор за четворица државјани на земјава. Во моментов тие се наоѓаат во Џеда, Саудиска Арабија
Министерството за надворешни работи на РС Македонија соопшти дека во текот на вчерашниот ден биле евакуирани четири македонски државјани од Судан, земја која е зафатена од внатрешен воен судар. Според МНР, евакуацијата е реализирана со асистенција на Саудиска Арабија, за што од владиниот ресор велат „упатуваме искрена благодарност“.

„Евакуираните граѓани на Република Северна Македонија во моментот се наоѓаат во градот Џеда, Саудиска Арабија. Нашата амбасада во Абу Даби е во постојана комуникација со тамошните власти, во насока на нивно враќање во Северна Македонија. Досега се евакуирани вкупно 4 879 лица, од кои 139 се Саудијци, а другите се од 96 земји од целиот свет, меѓу кои и од Европа, САД, а од нашиот регион освен Северна Македонија, се и Грција и БиХ“,
соопштија од МНР.
Од МНР велат и дека со внимание се следи развојот на состојбата во Судан и дека се во комуникација со држави кои имаат свои дипломатски претставништва во земјата. Министерството упати и апел до сите македонски државјани кои потенцијално се наоѓаат на територијата на Судан, да ја контактираат:
- Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и имејл адреса: [email protected],
- Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на следниот телефонски број +201033615542 и имејл адреса: [email protected], како и
- Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и следната имејл адреса: [email protected]