Министерот, во кусиот исечок од видеоинтервјуто за МИА, кажа дека исплатата е согласно владината Програма, велејќи дека тоа не е никаква тајна и не е нешто што се крие за да се создава нервоза во јавноста бидејќи, како што рече, и тоа може да се провери
Претходно денеска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, ниту премиерот Димитар Ковачевски ниту, пак, директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, не одговорија конкретно на прашањето дали на сметката на ЈПДП се префрлени 120 милиони евра и дали овие пари се наменети за „Бехтел и Енка“
Министерството за транспорт и врски веќе му исплатило вкупно 117 милиони евра државни пари на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), во рамки на првиот трансфер на средства наменети за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
Ова во интервју за МИА, кое ќе биде објавено утре, го изјави ресорниот министер Благој Бочварски.

Тој, во кусиот исечок од видеоинтервјуто кое го објави агенцијата, кажа дека исплатата е согласно владината Програма, велејќи дека тоа не е никаква тајна и не е нешто кое се крие за да се создава некаква нервоза во јавноста бидејќи, како што рече, и тоа може да се провери.
„Кон ЈПДП се исплатени средства од 117 милиони евра или во износ од 7 милијарди денари. Оттаму, проектното одделение коешто е формирано во ЈПДП работи во директен контакт и комуникација со компанијата ‘Бехтел’ во реализација на останатите чекори и процедури согласно Програмата, согласно Договорот и согласно Законот за ‘Бехтел’,
вели Бочварски во видеоинтервју што МИА ќе го објави утре.
Претходно денеска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, ниту премиерот Димитар Ковачевски ниту, пак, директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, не одговорија конкретно на прашањето кое гласи: „Според информациите од трезорот, префрлени се 120 милиони евра на сметка на ЈПДП, дали овие пари се за ’Бехтел и Енка‘?“
Ковачевски не спомена конкретни суми, но рече дека Владата го задолжила Министерството за транспорт и врски да ги почне процедурите вклучително и тие за плаќање.
Одговарајќи на истото прашање – дали парите се за „Бехтел и Енка“, директорот на ЈПДП, исто така, не кажа конкретна сума, но потврди дека во тек се трансакциите и оти станува збор за пари наменети за мобилизација и авансно плаќање. На констатацијата и прашањето дали на првиот брифинг со медиумите Рустеми рекол дека првиот аванс ќе биде околу 80 милиони евра, директорот рече дека не сака да излегува со конкретни бројки бидејќи нив ги имале службите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека има сигурни информации оти преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП му се префрлени 120 милиони евра.
„Имам сигурни информации, а еве ги повикувам медиумите да ги проверат, дека пред два дена од трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП – околу 7 милијарди 250 милиони денари, тоа е околу 120 милиони евра. Приближно толку се и тие пари, претпоставувам треба да се веќе легнати на сметка на компанијата изведувач на овие делови од коридорите 8, односно 10-д. Оваа информација ја имам од пред два дена, односно да бидам попрецизен, од средата“,
рече Мицкоски.