Според него, случувањата во Судскиот совет се резултат на борба за превласт меѓу партиски кланови. За да се стави крај на тоа, Мицкоски предлага да се оди на избори
Случувањата во Судскиот совет се вандализам, девалвирање, вагабонтство на отворена сцена и процес што ја срами Македонија и што нанесува трајни штети и последици, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„За личноста која беше променета на начин како што беше променета нема да коментирам, тоа како став наш го знаете, од каде потекнува, како потекнува, и тоа што нејзе ѝ се случи во ова опструирано правосудство во Македонија е само последица на тоа што она сама претставува. Но, ако го коментираме самиот процес тогаш навистина тоа е еден процес на вандализам, на вагабонтство и процес, не само што ја срами Македонија, туку е процес кој што нанесува трајна штета и последици во смисла дека оставаме лош впечаток пред нашите меѓународни партнери“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на општина Аеродром.
Според него, случувањата во Судскиот совет се резултат на борба за превласт меѓу партиски кланови. За да се стави крај на тоа, Мицкоски предлага да се оди на избори.
Тензиите во Судскиот совет ескалираа пред два дена со разрешување на претседателката Весна Дамева од група членови предводени од заменик-претседателот Селим Адеми. Во средата, на седница кога на дневен ред беа претставки од граѓани, но и формирање на комисии за поднесени барања за утврдување на одговорност на судии, настана расправија за меѓучовечките односи во самиот Совет.
Иницијална каписла беше писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер за што дел од членовите ја обвинија Дамева дека го криела, додека таа одговараше дека била од одмор.
Караници во Судскиот совет по писмото на амбасадорката Агелер
По неколку часа тензична расправа, заменикот Адеми во присуство на претседателката го презеде раководењето со седницата и повика на гласање за разрешување на Дамева. Заедно со неговиот, имаше седум гласа „за“ по што тој констатираше дека претседателката е разрешена и закажа итна седница за наредниот ден (вчера) со цел избор на нов претседател.
Почетокот на вчерашната итна седница првично се пролонгираше за два часа, а откако почна траеше само 10-тина минути и Адеми ја одложи со објаснување дека отсутен е еден од 13 члена со право на глас, па можело е кога се избира претседател да бидат присутни сите. Иако тоа беше формалното објаснување, она што неофицијално се зборуваше е дека нема мнозинство за избор на нов претседател за што се потребни осум гласа „за“.
Во меѓувреме, разрешувањето на Дамева во средата предизвика бура реакции кај дел од стручната јавност. Реакциите беа во насока на тоа како воопшто заменик-претседателот Селим Адеми, во присуство на претседателката, можеше да го преземе раководењето со седницата и како се стави на дневен ред точка за нејзино разрешување. Дополнително, клучен момент што се оспорува е и начинот на кој беше разрешена претседателката.
Имено, ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа има предвидено процедура за разрешување на претседател. Реакциите кај дел од стручната јавност, меѓу кои први беа Коалицијата „Сите за правично судење“ чии набљудувачи редовно ги следат седниците беа во насока дека за Дамева да биде разрешена од претседателка, требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна соодветна процедура за дисциплинска постапка која трае и предвидува и одговор од странката, и во која (процедура) кога ќе дојде до разрешување, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето.
Заменикот Адеми, пак, вчера одбегна да им одговори на новинари околу тоа дали била законска процедурата за разрешување. По одложувањето на вчерашната итна седница, новинарите се обидоа да го прашаат, му посочија и на реакциите, но тој неколкупати одговараше дека има институции кои може да утврдат дали е законски или незаконски. Кои институции, пак, не одговори.