Премиерот Оливер Спасовски најавува дека е можно денеска да биде донесена одлука за воведување нови дополнителни рестриктивни мерки, ако за тоа добијат препораки од Комисијата за заразни болести.
„Очекувам денеска да разговараме во однос на дополнителни мерки кои би биле воспоставени како рестриктивни мерки, кои ќе помогнат во целата состојба и ако има препорака од Комисијата тоа би го направиле можеби на денешна седница на Владата“,
рече премиерот Спасовски во разговор за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, потенцирајќи дека одлуката на Владата ќе зависи од предлозите на стручни луѓе од здравството, епидемиолозите за тоа што треба да се направи и за здравствениот систем и за граѓаните.
Спасовски оценува дека здравствениот систем може да се справи со најавите за поголем број заболени од коронавирусот, но апелира дека за тоа му е потребна и поддршка од граѓаните кои треба да ги почитуваат сите препораки и рестриктивни мерки, а со тоа да спречат и помасовно ширење на вирусот.
„Ние ги насочивме сите ресурси кон здравствениот систем во овој период затоа што сметаме дека тој треба да остане стабилен во борбата против коронавирусот. Во овој период докажавме дека навистина функционира здравствениот систем. Се направија сите подготовки за да може да издржи тоа што се најавува и што ќе се случува, а се случува во сите земји. Како што ќе се движи кривата на инфицирање на луѓето така ќе може да одговори здравствениот систем на државата. Но, колку повеќе луѓето се придржуваат кон правилата, се почитува социјалната дистанца и се намали движењето и секој од нас остане дома во наредниот период, така директно се помага и на здравствениот систем“,
рече Спасовски за Слободна ТВ.
Тој додаде дека во целиот период на борба со коронавирусот здравствените работници се на прва борбена линија, дека даваат максимум со елан и енергија за да им се помогне на сите граѓани.
Тој истакна дека во моментот не сака да размислува за нападите од опозицијата, која, како што рече, е фокусирана на освојување на политички поени. Вели дека во моментот приоритет е здравјето на граѓаните и што треба да се направи тоа да се заштити.