Во врска со инцидентот денеска реагираа од Министерството за надворешни работи. Оттаму велат дека веднаш биле известени Генералниот конзул на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, а денеска во МНР е повикана и грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду, на која и формално ќе ѝ бидат упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите
Група членови на „Златна зора“ со маски на лицата, капи и качулки упаднале во галеријата на солунската општина Каламариа каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, јави МИА од Атина.

Инаку, од некогашна парламентарна партија, „Златна зора“ во 2020 г. со одлука на грчкиот суд е прогласена за криминална организација.
Во видеоснимка објавена од т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“ и дека нејзините членови не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“. Понатаму, како што пренесува агенцијата, од групата во врска со изложбата се коментира дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“ и дека тие морале да интервенираат и пред сè да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
На влезот од галеријата маскираните лица залепиле плакати, кои, како што велат, се однесуваат на жителите на Солун и на неприфатливата толеранција на градоначалникот.
„Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“,
пишува на плакатот.

Во врска со инцидентот, денеска реагираа од Министерството за надворешни работи. Оттаму велат дека веднаш биле известени Генералниот конзул на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапиле во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за случајот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи.
Денеска во МНР, како што информираат оттаму, е повикана и грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду, на која и формално ќе ѝ бидат упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.

Инаку, според МНР, инцидентот се случил синоќа кога маскираната група упаднала во галеријата за време на изложбата и се обиделе да ја прекинат однесувајќи се непристојно и вулгарно.
За среќа инцидентот поминал без физичко насилство или нанесена материјална штета, а поради вербалните закани била повикана полиција.
Членови на „Златна зора“ во периодот од 2012 до 2019 година беа дел од грчкиот парламент, но во 2020 година со судска пресуда, партијата е прогласена за криминална организација, а нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови издржуваат затворски казни.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски беше свечено отворена во петокот, минатата недела во Солун. На отворањето беа присутни голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги своите впечатоци за МИА, вчера изјави дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален.