Атинскиот суд, во октомври мината година, донесе пресуда за членовите на Златна зора за водење криминална организација, а Лагос доби 13 години и осум месеци затворска казна
Од Брисел во Атина попладнево е екстрадиран европратеникот на Златна зора Јанис Лагос, осуден на 13 години и осум месеци затворска казна, по европската потерница издадена од грчките власти, јави МИА од Атина.
Лагос авионски пристигна од Брисел, по што бил спроведен во надлежниот суд во Атина, а оттаму во затворот „Домокос“, каде што ќе ја издржува казната.
„Грција се бореше и го елиминираше токсичниот отров на Златна зора. Потребена е континуирана битка за да не се повторат такви појави“,
изјави портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, посочувајќи дека грчките власти реагирале координирано за веднаш да биде издадена европската потерница, како и за екстрадицијата на Јанис Лагос, со цел тој да ја издржи казната.
Атинскиот суд, во октомври мината година, ја донесе пресудата за членовите на Златна зора, осудени за водење криминална организација, а 48-годишниот Лагос доби 13 години и осум месеци затворска казна.
Како член на Европскиот парламент, Лагос имаше имунитет, кој му беше одземен на крајот на април, по што и грчките власти издадоа европска потерница, а белгиските власти го уапсија.