Министерот за надворешни работи Никола Димитров информира дека по граничните премини сè уште има заглавени македонски државјани и уверува дека институциите интервенираат за што поскоро да бидат вратени во земјава.
Димитров посочува дека институциите работат во вонредни околности и апелира на разбирање, објаснуваќи ја, како што вели, и „другата страна на паричката“.
„Ја разбирам нервозата и траумата на македонските државјани кои со часови, во некои случаи и со денови, мора да чекаат за да ги поминат транзитните и конечно домашните протоколи за да се вратат во татковината. Но, ве уверувам дека правиме се’ што е во наша моќ да се справиме со сите проблеми, кои не се ни мали, ни лесни ниту за земји со многу поголеми ресурси од нашата. Ова е светска криза со огромни предизвици за целото човештво. Сакам да апелирам да не се фрлаат “дрва и камења”. Не заради мене, јас сум политичар кој одбрал да им служи на граѓаните и подготвен сум да трпам и основана и неоснована критика, но неблагодарно е воопшто да не се цени деноноќниот ангажман на професионалци во кризниот штаб во МНР и во слабо екипираните амбасади и конзулати, благодарение на кои во координација со ДКП-та досега вративме над 2200 наши државјани“,
напиша Димитров.
Во својот допис до јавноста, Димитров објаснува како било организирано враќањето на македонските државјани заглавени по американските аеродроми и уверува дека МНР интервенира за брзо враќање на сите кои останаа заглавени по граничните премини. Посочи дека добра вест е што Бугарија и Грција излегле во пресрет за транзит на македонските државјани.
Димитров признава дека со соочуваат со проблеми и дека на некои гранични премини нема соодветни простории, ниту доволно полициски службеници за брз транспорт на лицата кои се враќаат во земјава, а треба да бидат сместени во државен карантин, но уверува дека посветено се работи со постоечките капацитети.