Повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет Историја и општество, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме, велат од Здружението на историчарите

Од Здружението на историчарите на Република Македонија реагираат поради отсуството на предметот Историја во наставните програми за VI одделение за наредната учебна година и бараат мораториум на Концепцијата за основно образование.
Во писмената реакција Здружението укажува на штетните последици од понатамошното спроведување на Концепцијата во однос на наставата по историја, и застанува во заштита на колегите наставници, чии работни места се доведени во прашање поради кратењето на бројот на часови по историја, а што, како што посочуваат, е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја.
Историјата мора да остане посебен предмет, смета Здружението на историчарите и воедно ги поддржува колегите кои сметаат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно.
„Предупредуваме дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет Историја и општество, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме“,
велат од Здружението на историчарите.
Во соопштението од Здружението се вели дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата за основно образование, поради што бараат од Министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова концепција за во иднина да не се повторуваат недозволиви пропусти.
Тие бараат од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница. Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова Концепција, бараа да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин, според нив, ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина.
„Усвојувањето на новата Концепција ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин, ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници кои ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата, а не подредени на задоволување на моменталните политички цели. Квалитетот на образованието е наша заедничка обврска и должност како историчари и како совесни граѓани, бидејќи младите генерации се столбот на иднината на државата. Во спротивно, како држава и како нација и натаму ќе бидеме на самото дно во однос на квалитетот на образовниот систем во Европа“,
пишува во реакцијата на Здружение на историчарите на Република Македонија.
Според нив, воопшто не е изненадување најновата актуелна состојба предизвикана од отсуството на историја во наставните програми за шесто одделение.
„Ние како Здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на Концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја, за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет Историја и општество, во кој вештачки се интегрирани предметите Историја, Граѓанското образование и Географија. Досегашната практика на примената на Концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската Унија, каде што како демократска држава припаѓаме и чии фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата“,
се додава во реакцијата.
Од Здружението на историчарите на Република Македонија, чија повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваат дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредиле на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции.
Оттаму посочуваат дека на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднеле Барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за V одделение, поткрепено со критичка анализа на 30 страници.
„Во анализата нотирани се 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла и тие ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста“,
се додава во соопштението во кое историчарите јавно прашуваат дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30 отсто.