Во соопштението од Амбасадата се вели дека САД ја поддржуваат разновидната, инклузивна, мултиетничка демократија во Косово и изборите што ја поткрепуваат

Амбасадата на САД во Косово соопшти дека вонредните локални избори на северот на Косово се одржале во согласност со Уставот и законите на државата и изрази жалење што сите партии не го искористиле своето право на учество.
Во соопштението од Амбасадата се вели дека САД ја поддржуваат разновидната, инклузивна, мултиетничка демократија во Косово и изборите што ја поткрепуваат.
„Жалиме што не сите партии го искористија своето демократско право да учествуваат на денешните избори. Учеството во изборите помага да се осигура дека лидерите го претставуваат населението на кое му служат. Гласањето е клучна слобода во демократските општества“,
се вели во соопштението на американската амбасада во Косово.
Во соопштението се додава дека ги препознаваат напорите на косовските изборни службеници да ги направат гласачките места достапни за граѓаните кои сакаат да го искористат своето право на глас, притоа минимизирајќи ги потенцијалните точки на тензија.
„Ја изразуваме нашата благодарност за професионалноста на косовската полиција, Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС) и КФОР во обезбедувањето безбедна средина за изборите“,
се додава во соопштението.
Од Амбасадата велат дека ќе соработуваат со сите релевантни страни за следните чекори.
„Исто така, ја нагласуваме важноста и нашата посветеност за целосно спроведување на охридскиот договор“,
се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Приштина.