Претседателот на опозициската партија ја повика Владата да ги демантира ваквите наводи доколку не се точни, укажувајќи дека сè што досега изнела ВМРО-ДПМНЕ во врска со договорот со „Бехтел и Енка“, не било демантирано од страна на власта
Мицкоски додаде и дека веќе навршија 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, а бидејќи Законот за работни односи не е сменет, од денеска стартуваат пеналите коишто државава ќе треба да му ги исплаќа на американско-турскиот конзорциум што ќе ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д
Со измените на Законот за градење, Владата сака да го почне овој, како што велат тие, историски проект за изградба на коридорите 8 и 10-д без претходно да добие дозвола за градење, односно без основен проект кој би бил ревидиран и придружен со сите одобренија согласно законот.
Ова денеска го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велејќи дека за да почне процесот на изградба, претходно треба се добие одобрение за градба, пропратено со низа други дозоли – нешто што, како што рече, Владата сака да го занемари со законските измени и веднаш да почне да гради.
„Измените кои се доставени во парламентот бараат да го отпочнат овој проект без одобрение за градба, додека вие и ние сите за да почнеме нешто да градиме, треба да извадиме одобрение за градба. Еве, нека ме демантираат ако не е така. Значи, таму имаме граѓани од прв ред, граѓани од втор ред, празни места, па сите ние. Ете така отприлика функционира оваа влада на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ“,
изјави Мицкоски.
Тој ја повика Владата да ги демантира ваквите наводи доколку не се точни, укажувајќи дека сè што досега изнела неговата партија во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ не било демантирано од страна на власта.
Прашан како го коментира тоа што градежните активности во врска со овој проект сè уште не се почнати, Мицкоски кажа дека уште долго ќе биде вака оти Владата не била подготвена и немала проекти.
Додаде и дека веќе навршија 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, а бидејќи Законот за работни односи не е сменет, од денеска стартуваат пеналите кои државава ќе треба да му ги исплаќа на американско-турскиот конзорциум што ќе ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
„Еднократно вие граѓаните ќе треба да платите 53 милиони евра на ‘Бехтел и Енка’, а потоа секој месец ќе треба да плаќате по повеќе од два милиони евра за секој ден, секој месец што се доцни. Зошто? Затоа што некој одлучил да ве краде. Затоа ја повикувам македонската јавност да застане против ова историско злодело, а не историски проект“,
додаде Мицкоски.