Едно лице од Куманово кое на 1 април беше потврдено дека е позитивно на коронавирусот, почина во болницата „8 септември“, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот информацијата ја сподели на денешната прес-конференција, а претходно во соопштение до јавноста од Министерството за здравство информираа дека во последните 24 часа починал уште еден пациент на Инфективната клиника, односно 63 годишен маж од Лабуништа, кој бил донесен со тешка клиничка слика и други заболувања.
Според последните статистики на Министерството за здравство досега во земјава се откриени 555 случаи позитивни на коронавирусот, бројот на починати достигна 18, а излечени се 23 лица.
За третман на пациенти со коронавирус, од вчера е во ставена во функција и болницата „8 Септември“, која досега беше наменета за пациенти кои беа суспектни и позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена интервенција. Сега, освен тоа на располагање се 400 кревети за пациенти заболени од ковид 19 на кои ќе им биде потребен хоспитален третман.