Комитетот кој работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, да им го презентираат, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект кој прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија, рече премиерот
За обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе се носат 70 отсто работници од странство, Ковачевски рече дека не треба паушално да се излегува со обвинувања. Тие тоа го прават чисто за да држат тема против ваков голем проект бидејќи другите теми веќе и не можат да ги држат

Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д, кој како и секој друг комерцијален договор, е склучен меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и изведувачот на работите, во себе содржи заштитни клаузули кои му даваат степен на доверливост на тој договор. Едната од страните во договорот има наведено свои технолошки процеси, техничко-технолошки методи кои ги користи, како и ценовни структури кои не сака да дојдат во посед на нивни конкуренти, со оглед на тоа дека тие работат и на други проекти. Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10-д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да сокрие, изјави премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за телевизија Сител.
„Договорот ќе биде презентиран на пратениците во Собранието кои го донеле специјалниот закон врз основа на кој се спроведени сите процедури за изведба на ова автопатско решение, Коридор 8 и Коридор 10-д, и каде членовите на Владата, кои се од ресорните министерства и членовите на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д, во детали со договорот пред нив, ќе им презентираат на сите пратеници она што е потребно за да можат да ги носат наредните одлуки“,
рече Ковачевски.
Во однос на вчерашниот одговор од Амбасадата на САД со кој се оградија од договорот на Владата на Северна Македонија со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, Ковачевски рече дека во него е многу јасно и точно се наведува дека американската амбасада го поддржува инфраструктурното унапредување на нашата држава.
„Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ, како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму ‘Бехтел’ е една од најголемите американски компании во делот на изградба на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури. Комитетот кој работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, да им го презентираат, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект кој прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија. Овие инвестиции на годишно ниво ќе значат најмалку два отсто зголемување на БДП на државата, зголемување на вработеноста бидејќи голем број на вработени ќе работат на овој проект. Зголемување на економската активност во голем број на области бидејќи кога се работат вакви големи инфраструктурни проекти, не се работи само за конкретни инфраструктурни работи, туку и за придружни индустрии од сместување на работниците, од подготовка на храна, логистика“,
рече Ковачевски.
За обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе се носат 70 отсто работници од странство, Ковачевски рече дека не треба паушално да се излегува со обвинувања.
„Значи 51 отсто од вредноста на проектот треба да биде според договорот изработен од страна на македонски компании. Кога велиме вредноста на проектот, тука влегуваат сите оние работи кои се суштински за изработка на проектот, значи асфалтирање, градежни механизации, како и логистички работи во делот на поддршка на изградбата на проектот. Во делот на работниците ние и денеска имаме македонски компании кои покрај македонски работници, вработуваат работници од странство. Апелите на деловната заедница се дека е потребна и странска работна сила за постојните компании кои ги имаме во државата, а јас доаѓам од сектор каде покрај македонски работници, секогаш работеле и експерти и работници од други држави“,
рече премиерот.
Ковачевски рече дека опозицијата критикува сè, меѓутоа и кога се критикува, треба да се има основа за тоа.
„Самите ќе се уверат преку расправата која ќе биде во Собрание, бидејќи вчера соопштивме дека сме подготвени, кога ќе се закаже соодветна Комисија во Собранието, цел тим од Владата, заедно со договорот, со сите детали и со презентација да отиде и на пратениците тоа да им го објасни. Не треба паушално да се излегува со обвинувања, како што тоа го прави опозицијата. Тие тоа го прават чисто за да држат тема против ваков голем проект бидејќи другите теми веќе и не можат да ги држат“,
рече Ковачевски.
Според премиерот, пратениците ќе се уверат дека договорот е направен согласно Законот кој тие го предложиле и го изгласале и дека ќе почнат работите на коридорите 8 и 10-д и нашата држава конечно ќе ги изгради овие коридори.
„Со изградбата на двата коридори, Северна Македонија ќе има голем економски развој и ќе влезе во мрежата на главните трансевропски коридори“,
додаде премиерот.