Комисијата за заразни болести не исклучува порестриктивни мерки на заштита доколку продолжи да се влошува состојбата
Се наоѓаме во критичниот момент, со очекуван раст на бројот на дијагностицирани заболени од ковид-19. Со оглед на тоа што одиме кон пикот во следните неколку недели, влегуваме и во нова фаза на менаџирање на цеолкупниот процес. Доколку ситуацијата отиде во полоша состојба ќе предложиме и други мерки што ќе значат зголемување на рестриктивноста, најави министерот за здравство Венко Филипче на денешниот брифинг во владата.
Тој додаде дека досега имало многу разговори дали да се примени некој друг начин на справување со пандемијата, но заклучиле дека е подобро да се продолжи со сегашниот начин, со додавање на некои допонителни мерки меѓу кои и апликација што ќе им помогне на инфектолозите полесно да ги следат контактите што ги имале заразените.
На денешната видео средба со новинарите, претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски посочи дека консензусот на целата комисија е на многу високо ниво и нема драстични разлики, а решенијата се носат на дневна основа.
Во досегашното менаџирање на спроведувањето на тестирањето, како што кажа, сме едни од најдобро екипираните и организирани во моементов, затоа што по бројот на направени тестови сме втора земја. Пред нас е Словенија. Навлезени сме во золемен број заболени лица, а врвот се очекува во следните две до три недели.
Инфективната клиника пред пополнување на капацитетите за хоспитализирање
Комисијата за заразни болести, рече, има и други мерки на располагање, доколку се влоши состојбата. Тие мерки би значеле зголемување на рестриктивноста.
Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ истакна дека кај нив се хоспитализирани 74 лица и дека се приближуваат до пополнување на капацитетите. Мобилната болница, додаде, ќе ни помогне во дополнување на потребите од хоспитализација и веќе се во функција тимови од колеги интернисти кои ќе бидат од голема помош и тие од утре почнуваат со ангажманот.