Генералниот секретар на НАТО го поканил украинскиот претседател Володомир Зеленски да присуствува на самитот на Алијансата што треба да се одржи во јули во Вилнус, Литванија, и ветил континуирана воена поддршка за Украина во војната со Русија
Украинскиот претседател Зеленски, пак, на заедничката прес-конференција рекол дека Украина треба да добие покана за членство во НАТО и дека сега е вистинскиот момент за тоа, кога повеќето луѓе во земјите на НАТО и мнозинството Украинци го поддржуваат пристапувањето во НАТО
Иднината на Украина е во НАТО, рекол генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг, за време на неговата прва посета на Киев од почетокот на руската инвазија пред 14 месеци.

„Да бидам јасен, местото на Украина е во евроатлантското семејство. Заслуженото место на Украина е во НАТО. И со текот на времето, нашата поддршка ќе ви помогне тоа да го направите возможно“,
рекол Столтенберг во изјава за медиумите за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, пренесува Ројтерс.
Тој ветил континуирана воена поддршка за Украина, посочувајќи дека досега НАТО-сојузниците обучиле десетици илјади украински војници и обезбедиле 65 милијарди евра (71,31 милијарди американски долари) воена помош.
„НАТО стои со вас денес, утре и онолку долго колку што е потребно“,
изјавил Столтенберг пред да го покани Зеленски на самитот на НАТО, кој треба да се одржи во јули годинава во главниот град на Литванија, Вилнус.
Претседателот Володимир Зеленски, пак, кажал дека НАТО треба да ја покани Украина да стане членка и да ѝ даде временска рамка за пристап за време на посетата на генералниот секретар на Алијансата.
Украинскиот лидер на заедничката прес-конференција во Киев со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изјавил дека самитот на НАТО во Вилнус во јули може да стане „историски“, откако беше поканет од Столтенберг да учествува на него.
Тој изразил благодарност за поканата да присуствува на самитот, но, исто така, според Ројтерс, рекол дека е важно Украина да ја добие соодветната покана, онаа за членство на земјата во НАТО.
„Не постои ниту една објективна бариера за политичка одлука да се покани Украина во Алијансата и сега, кога повеќето луѓе во земјите на НАТО и мнозинството Украинци го поддржуваат пристапувањето во НАТО, е време за соодветни одлуки“,
рекол Зеленски.
Украинскиот претседател на прес-конференцијата исто така изјавил дека го повикал Столтенберг да помогне во надминувањето на „воздржаноста“ на некои земји членки околу снабдувањето на армијата на земјата со модерни воени авиони, оружје со долг дострел, артилерија и оклопни возила.
Зеленски рекол дека со Столтенберг разговарале за состанокот во воената база Рамштајн во Германија во петок и како Украина може да добие поголема помош.
„Задржувањето (на помошта) ги чинеше животи украинските војници“,
додал тој.
Украинскиот претседател рекол дека посетата на Столтенберг ја гледа како знак за подготвеноста на НАТО да „отвори ново амбициозно поглавје“ за Украина и за Алијансата, пренесува Ројтерс.
Генералниот секретар на НАТО утрово пристигна во Киев, посета која претходно не беше најавена во јавноста.
Новинската агенција Ројтерс објави дека Столтенберг им оддал почит на украинските војници кои загинале борејќи се во војната и ја разгледал оштетената руска воена опрема изложена на централниот плоштад во Киев.