Причината за ваквото барање, како што велат од Платформата, е поради тоа што владиката Петар го прекрши Уставот со својата нодамнешна изјава во врска со правата на жените и нивната положба во општеството
Митрополитот Петар во своето велигденско обраќање до верниците пред неколку дена изјави дека на нашето општество му се заканува идеологијата за родовата еднаквост, која ја опиша како манипулативна, богохулна, отровна, изопачена и погубна, а се осврна и на положбата на жената во современото општество велејќи дека феминистичките здруженија бараат сè повеќе права, а не се свесни дека тие со себе носат и поголеми обврски
Платформата за родова еднаквост бара од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и од Синодот на МПЦ-ОА расчинување на владиката Петар од позицијата митрополит на Преспанско-пелагониската епархија поради тоа што, како што велат оттаму, владиката го прекрши Уставот со својата нодамнешна изјава во врска со правата на жените и нивната положба во општеството.

„Ова барање произлегува од непоправливоста на митрополитот Петар во своето однесување, со кое произнесува ретроградни и антицивилизациски ставови кои се спротивни на христијанството како религија“,
велат од Платформата за родова еднаквост.
Митрополитот Петар во своето велигденско обраќање до верниците пред неколку дена изјави дека на нашето општество му се заканува идеологијата за родовата еднаквост, која ја опиша како манипулативна, богохулна, отровна, изопачена и погубна, а се осврна и на положбата на жената во современото општество, велејќи дека феминистичките здруженија бараат сè повеќе права, а не се свесни дека тие со себе носат и поголеми обврски.
Во реакцијата на ваквите изјави, пак, од Платформата за родова еднаквост велат оти го почитуваат правото на владиката за сопствено мислење, но додаваат дека родовата рамноправност е основно човеково право кое, како дел од меѓународното право, е од суштинско значење за создавање на еднакво општество.
„Жените и девојките ширум светот и понатаму се соочуваат со системска дискриминација и маргинализација, а феминистичкото движење, предводено од жени и сојузници, има клучна улога во оспорувањето на штетните родови норми, преку застапувањето за родова еднаквост“,
се наведува во реакцијата на Платформата.
Оттаму велат дека се длабоко загрижени од изјавата на владиката Петар и додаваат дека таквите изјави единствено служат за овековечување на штетните родови стереотипи и ја зајакнуваат дискриминацијата на жените.
„Со сугерирањето дека жените кои ги бараат своите права треба да бидат подготвени да извршуваат повеќе должности, владиката Петар во суштина тврди дека жените треба да бидат казнети затоа што се залагаат за сопствените права. Ова не само што е длабоко неправедно, туку е и спротивно на принципите на еднаквост и правда што сите ние се стремиме да ги почитуваме“,
се додава во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.
Во соопштението, организацијата му порачува на владиката оти наместо осудување на феминизмот и борбата за рамноправност, треба сите заедно да работиме на креирање на општество кое ја прифаќа различноста, промовира рамноправност и обезбедува пристап кон еднакви можности за сите поединци.
Неодамнешната изјава на митрополитот Петар, кој тој ја изнесе во своето велигденско обраќање, наиде и на реакција од министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Таа во објава на Фејсбук му порача на владиката оти жената не бара повеќе права, но тоа, како што додаде Тренчевска, тој не може да го разбере со своите ретроградни ставови и со понижувањата кон жената.
„Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“,
пишува во фејсбук-статусот министерката Тренчевска.