Во велигденското послание, митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар се осврна и на феминизмот, велејќи дека до неговата појава жената била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, како што рече, често и разведена и самохрана мајка. Додаде и дека кога некој бара поголеми права, треба да е подготвен да извршува и поголеми должности зашто, според него, барањето права без обврски е нихилизам
Манипулативна, богохулна, отровна, изопачена и погубна – ова се дел од зборовите со кои митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во своето велигденско послание ја опишува идеологијата за родовата еднаквост, која, како што вели, молскавично му се заканува на нашето општество.
„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост. Оваа манипулативна идеологија е богохулна, противприродна и изопачена. Господ ги создаде мажот и жената, а сè друго изменето и поразлично од божјото создание е ненормално и со тоа е неприфатливо“,
рече митрополитот Петар во посланието до верниците.
Говорејќи во оваа насока, митрополитот кажа и дека само недоволното познавање на црквата може да го натера човекот да ја обвинува, а таа, како што рече, во улога на грижлива мајка е подготвена со раширени раце повторно да ги прими своте деца кои барајќи го својот животен пат ја напуштиле.
Во велигденското послание објавено пред три дена, митрополитот Петар вели дека во земјава сè повеќе постојат здруженија кои бараат поголеми права, а многу често, како што рече, барајќи ги сопствените права на протести и собири, гневот за своите нереализирани ставови, идеи и замисли го насочуваат кон црквата.
„Едно такво т.н. феминистичко здружение во текот на велигденскиот пост, протестирајќи за своите права, имаше крајно невкусен транспарентен однос против црквата“,
вели митрополитот Петар.
Додаде дека кога некој бара поголеми права, треба да биде свесен оти тие со себе носат и поголеми обврски.
„Во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара поголеми права, треба да биде свесен и подготвен, а и способен да извршува повеќе и поголеми должности, а за тоа треба дури и да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општото добро, за повисоки цели и идеали и да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал“,
додава митрополитот Петар во велигденското послание.
Митрополитот додаде дека барањето права без должности е нихилизам, а дека тоа, како што вели, го расипува и изопачува светот кој, пак, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Токму таков, потенцира митрополитот Петар, е современиот свет во кој семејството е поделено и дисфункционално, а човекот е сè поизгубен.