Од воведувањето на забраната за движење досега, вкупно 1 322 лица не го почитувале полицискиот час
Вкупно 1 322 лица не го почитувале полицискиот час од неговото воведување до денес, 10 лица ги прекршиле решенијата за изолација и 157 лица не ги почитувале изјавите за самоизолација.
Исто така полицијата досега поднела кривична пријава и 25 известувања за говор на омраза поврзан со ковид 19.
Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот Фејсбук профил.
„Во однос на статистика која се однесува на почитување на мерките за ограничување на движењето на граѓаните од нивното воведување до денес вкупно 1 322 лица не ја почитувале мерката за ограничување на движењето, 62 лица од нив се на возраст до 18 години и 42 лица се на возраст над 67 години. Приведени се вкупно 519 лица, опоменати се 223 лица, а за останатите земени се податоци и ќе следуваат дополнителни мерки. Најголем дел од лицата се на територијата на СВР Скопје. До основното јавно обвинителство до сега поднесени се вкупно 483 кривични пријави и 73 известувања“,
објави Чулев.
До сега на 2 405 лица им се издадени решенија за изолација, а вкупно 9 793 лица пополниле изјава за самоизолација. Во изминатиот период констатирани се 10 прекршувања на решенијата за изолација и 157 прекршувања на изјавите за самоизолација. За ова поднесени се вкупно 134 кривични пријави до Основното јавно обвинителство.
Заклучно со денеска во вкупно 25 објекти, сместени се 2 099 лица во државен карантин.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесел и една кривична пријава и 25 известувања до основното јавно обвинителство кои се однесуваат на говор на омраза поврзан со ковид-19.