Еден ден откако Пекинг објави крај на воените вежби, тајванските власти велат дека денеска повторно забележале кинески бродови и авиони како оперираат во водите околу Тајван

Тајванските власти забележале девет кинески воени брода и 26 авиони околу островот, еден ден откако Пекинг објави крај на воените вежби.
„Денеска Кина мобилизира воени авиони и ја премина неофицијалната линија на разграничување ‘од север, центар и југ’. Ќе продолжиме внимателно да ги следиме движењата“,
објави тајванското Министерство за одбрана.
Во саботата Пекинг започна тридневна воена вежба за „целосно опкружување“ на Тајван, организирана во знак на протест поради средбата меѓу тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти.
Тајван вчера регистрира 91 кинески авион, што претставува ново највисоко ниво на бројот на дневни летови на кинеските авиони. Од нив, 54 ја поминале средишната линија, дополни ДПА и додаде дека вчера околу островот биле забележени уште 12 брода на морнарицата на Народноослободителната војска.
Кинески борбени авиони и воени бродови симулираа целни напади на островот како дел од воената вежба наречена „Единствен остар меч“, што Тајван го осуди.
Тајванската претседателка Цаи Инг-вен на Фејсбук напиша дека кинеските воени вежби предизвикаа нестабилност во Тајван и во регионот и се неодговорни акции за таа голема земја. Цаи рече дека вооружените сили и крајбрежната стража на Тајван одговориле смирено и професионално и им се заблагодари на сите вклучени.
Тајванскиот парламент денеска ги повика кинеските власти веднаш да престанат со заплашувањето со сила. Исто така, ја повикува меѓународната заедница заеднички да ја осуди Кина.
САД го повикаа Пекинг да покаже воздржаност.