Тоа се инвестиции во обновливи извори на енергија. Како никогаш досега големината на сите тие инвестиции е 1,3 милијарди евра. Да не бидам преоптимистичен, но заедно со едната милијарда евра од Чебрен, септември ќе го завршиме со 2,3 милијарди евра во енергетиката. Тоа се приватни инвестиции што влегуваат во нашата земја, вели вицепремиерот за економски прашања

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува дека државата септември годинава ќе го дочека со инвестиции од 2,3 милијарди евра кои се во обновливи извори на енергија. Според Битиќи досега се завршени 90 отсто од процедурите и се очекува набрзо овие проекти да бидат на разгледување во Собранието.
„Во завршна фаза се неколку стратешки инвестиции во енергетиката кои набрзо ќе бидат во Собрание. Досега се завршени околу 90 отсто од процедурите. Тоа се инвестиции во обновливи извори на енергија. Како никогаш досега големината на сите тие инвестиции е 1,3 милијарди евра. Да не бидам преоптимистичен, но заедно со едната милијарда евра од Чебрене, септември ќе го завршиме со 2,3 милијарди евра во енергетиката. Тоа се приватни инвестиции што влегуваат во нашата земја. Оптимизмот го црпиме токму во овие бројки“,
истакна Битиќи во вечерашното гостување во емисијата „Вин Вин“ на телевизија Телма.
Вицепремиерот Битиќи напомена и дека во овој момент во завршна фаза е и договорот за хидроцентралата Чебрен.
„Има комисија која ги гледа сите елементи. Вчера имаше информација на Влада дека грчката компанијата има побарано дополнително време и таа одлука е донесена“,
рече Битиќи додавајќи дека грчката компанија побарала уште малку време за финиширање на деталите.
Времето кое го побарале од грчката фирма, како што рече Битиќи, е и затоа што таа компанија е со државен капитал, а бидејќи во Грција ќе има избори, побарале тоа да не се совпадне со тој процес.
„Како никогаш досега со Чебрен сме многу блиску да го затвориме процесот на начин на кој ќе обезбеди навистина добра иднина во сегментот на балансирање и на енергијата во државата и отприлика инвестицијата е една милијарда евра“,
рече Битиќи.