Во разговор и соработка со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која е надлежна за реализиција на проектот, почнати се последните административни подготовки во Владата и Министерството за транспорт и врски, за да започне и заврши оваа важна сообраќајна артерија за градот, вели Груби

Град Скопје доби од Владата три милиони евра за изградба на булеварот „Хасан Приштина“.
Оваа информација на својот фејсбук профил ја сподели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
„Владата наменски веќе додели три милиони евра, од вкупната вредност од шест милиони евра, на градот Скопје за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ или како што е oпшто познат „Качанички пат” во Визбегово, до скопската обиколница“,
напиша Груби на Фејсбук.
Тој додава дека во разговор и соработка со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која е надлежна за реализиција на проектот, ги почнале последните административни подготовки во Владата и Министерството за транспорт и врски, за, како што потенцира, да започне и заврши оваа важна сообраќајна артерија за градот.
Ова булеварско решение треба да се спои со автопатот до границата со Косово.