Јас сметам дека се работи за изјава на министерот за надворешни работи на Бугарија која можеби и не е дадена во вистински контекст, но сите заинтересирани ќе може да го следат тој процес преку медиумите, порача премиерот
Покрај реакцијата на македонското МНР и на премиерот, денеска со коментар се јави и претседателот Стево Пендаровски кој тоа го оцени како скандалозно и рече дека такви барања не упатуваат ниту окупатори

Одлучувањето и целата работа е исклучиво во надлежност на нашите институции и нашата држава, е дел од коментарот на премиерот Димитар Ковачевски за желбата на Бугарија и таа да биде дел од процесот на уставни измени.
Тој порача дека ниту постои можност ниту, пак, политичка волја, Бугарија да учествува во овој процес.
„Барањето на Бугарија во однос на нивното учество, тоа веќе даде изјава министерот за надворешни работи која е потполно во согласност со тоа што и јас го мислам. Тоа е дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на РСМ кое како обврска е поврзано со пристапните преговори со ЕУ. Таа одлука е исклучиво во надлежност на Министерството за правда, на политичките партии и на Собранието на РСМ. Така што, не постои ниту можност ниту политичка волја кој било друг од надвор да биде вклучен во овој процес. Јас сметам дека се работи за изјава на министерот за надворешни работи на Бугарија која можеби и не е дадена во вистински контекст, меѓутоа сите заинтересирани страни ќе може да го следат тој процес преку медиумите бидејќи и медиумите ќе бидат вклучени во самиот процес“,
рече Ковачевски.
Желбата на Бугарија да биде дел од овој процес вчера ја кажа шефот на бугарската дипломатија Николај Милков во Брисел велејќи дека би сакале да бидат дел за процесот да тече непречено и за да може да се консултираат со македонската страна за овие прашања.
„Како што дознаваме, се разговара за варијанти на идните текстови со кои би се променил Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено и би сакале да се консултираме со нив за овие прашања. Во оваа смисла, вчера имав краток разговор со министерот Бујар Османи и се надевам дека ќе одговорат“,
изјавил Милков, пренесе БТА.
Покрај реакцијата на македонското МНР, денеска со коментар се јави и претседателот Стево Пендаровски кој тоа го оцени како скандалозно и рече дека такви барања не упатуваат ниту окупатори.