Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција ја потврди информацијата дека 11 здравствени работници во Куманово се меѓу новооткриените случаи на коронавирус.
„Оваа бројка ја компромитира работата на инфективното одделение во Куманово, затоа што претходно имаше еден од останатите здравствени работници. Поради тоа, упатени се двајца доктори, еден од Скопје и еден од Штип, кои ќе ја организираат работата таму“,
рече Филипче.
Бидејќи има и заболени од одделението за рендген и меѓу општите лекари, кога ќе се завршат епидемиолошките анкети, ќе се реорганизира работата и на останатиот дел од болницата, покрај за инфективното одделение.
Одговарајќи на прашањето дали е можно заразените во кумановската болница да се од оној порв случај на жената кај која посмртно беше откриено дека е заболена од ковид-19, Филипче рече дека првиот случај на заразен медицнски работник таму е откриен нецели 48 часа од информацијата за оваа пациентка, што според него индицира дека можеби вирусот циркулирал и претходно.
„Многу тешко е да се каже и тоа практично не е сценарио дека се заразени од првата пациентка. Има некои публикации, особено во Кина, дека вирусот веќе асимптоматски циркулирал кај населението. Можеби е и такво сценариото и затоа е оваа рестрикација која се надеваме ќе помогне“,
објасни Филипче.
Продолжувањето на полицискиот час кој ќе почне од денеска, а ќе заврши дури в понеделник, според Филипче е голем предизвик и признава дека може да наметне извесни проблеми, но како што рече, во моментов Комисијата за заразни болести смета дека е сосема соодветна имајќи ја предвид новата бројка на новодијагностицирани случаи.
„Секоја мерка ќе биде организациски предизвик, но голем е ризикот за локална трансмисија во самата општина, бидејќи веќе е запрен меѓуградскиот сообраќај. Луѓето треба да седат дома за да се смири жариштето“,
рече Филипче.
Покрај 11 здравствени работници, во Куманово денеска беа откриени уште 12 други позитивни случаи.
На ниво на цела држава, пак, вкупниот број на новодијагностицирани денеска изнесува 46. Освен вкупно 23-те во Куманово, останатите случаи се во: Скопје – 13, Дебар – 2, Прилеп – 1, Тетово – 2, Велес – 2, Гостивар – 1, Гевгелија – 2.