На средбата биле поздравени политиките на дијалог со кои Северна Македонија успешно ги унапредува добрососедските односи, со што придонесува и во регионалниот мир и европската стабилност. Притоа е изразена силна поддршка за интензивирање на динамиката на евроинтеграцискиот процес

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, на денешната средба констатирале дека двете држави во изминатите 31 година, откако се воспоставени дипломатските односи во 1992 година, имаат создадено стабилна основа за цврсто и напредно партнерство кое ќе продолжи во насока на зајакнување на соработката.
На средбата биле поздравени политиките на дијалог со кои Северна Македонија успешно ги унапредува добрососедските односи, со што придонесува и во регионалниот мир и европската стабилност. Притоа е изразена силна поддршка за интензивирање на динамиката на евроинтеграцискиот процес.
„Политиката на проширување на ЕУ најдиректно придонесува за одржување на мирот и стабилноста во регионот, унапредувањето на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и слободи и за зајакнување на конкурентноста на економиите на државите. Во таа насока изразувам благодарност до Република Словенија што е силен и отворен поддржувач за пристапниот пат на Северна Македонија, како и на перспективите за членство во Европската Унија на целиот Западен Балкан“,
рекол премиерот Ковачевски, се наведува во соопштението од владината прес служба.
Премиерот Ковачевски, исто така, посочил дека нашата држава е целосно поставена на линија на надворешната политика на ЕУ и дека практикува европски вредности, со што покажа дека го заслужува своето место во Унијата.
Партнерството меѓу двете држави ќе биде потврдено и засилено и за време на претстојната посета на словенечката претседателка Пирц Мусар на Република Северна Македонија.