Уште едно лице е обвинето затоа што не ја почитувало наредбата за самоизолација
Обвинителството бара казни за 45 лица кои не ги почитувале мерките на Владата за заштита од коронавирусот. Тие ќе треба да платат казни од по 2.000 евра.
Како што се соопштува, Основното јавно обвинителство – Скопје доставило до Кривичниот суд 39 предлози за издавање казнени налози со кои се опфатени вкупно 45 лица. Тие се обвинети за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Еден од обвинетите не ја почитувал наредбата за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена, а другите 44 лица не се придржувале до одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Северна Македонија. Тие, за време на полицискиот час, биле затекнати на различни локации во Скопје без да поседуваат дозвола за движење.
За сите обвинети јавните обвинители му предложиле на судот да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.