„Јавниот обвинител од надлежното јавно обвинителство Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Протоколот од извршената обдукција обвинителството сè уште не го добило. Во исто време обвинителството работи на обезбедување и на други докази, сослушани се повеќе лица за кои обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат за расветлување на овој случај“, изјави Јовески
Основното јавно обвинителство Битола сè уште не го добило извештајот од обдукцијата на малата Јана, а во меѓувреме работи на обезбедување на други докази, изјави денеска републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Шестгодишната Јана на 22 март почина во битолската клиничка болница неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање, а како што јавно раскажаа нејзините родители, детето починало откако примило инфузија со гликоза иако му било измерено покачен шеќер во крвта со вредност девет.
Јовески, одговарајќи на новинарско прашање, во кратката изјава рече дека во рамките на постапката што ја води битолското Обвинителство, сослушани се повеќе лица за кои се смета дека можат да помогнат во расветлувањето на случајот.
„Како што е познато, јавниот обвинител од надлежното јавно обвинителство Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Сè уште протоколот од извршената обдукција обвинителството не го добило. Во исто време обвинителството работи на обезбедување и на други докази, сослушани се повеќе лица за кои обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат за расветлување на овој случај“,
рече Јавниот обвинител на настанот по повод потпишувањето протокол за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
Вчера пред Министерството за здравство во Скопје и на плоштадот „Магнолија“ во Битола се одржаа граѓански протести под слоганот „Правда за Јана“ и „Сите сме Јана“.
Присутните порачаа дека е доста од нефункционалноста, партизацијата и лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вина на пациентите.
„Ние не можеме назад да ја вратиме Јана, но сакаме колку што е можно повеќе да спасиме други дечиња, да не ја доживеат истата судбина“,
истакна Игор Петковски на вечерашниот мирен протест во Битола.
Битолчани ги очекуваат резултатите од обдукцијата и точна информација од стручните комисии и надлежните органи за причините за смртта на шестгодишната Јана Христовска. Тие порачаа дека ако е потребно, во утврдувањето на причините нека се вклучат и експерти од странство.
Ден по смртта на девојчето, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во битолската болница, по што објави дека од она што е во негова надлежност, не се констатирани недостатоци.
Вчера, премиерот Димитар Ковачевски прашан дали ќе бара одговорност за случајот со малата Јана, рече дека прво треба да се почекаат фактите што треба да ги утврдат надлежните институции, а потоа ќе се разгледува дали и кој евентуално би понел одговорност за трагедијата.